ВИДЕО – Прилепчани на протест пред „Ламинати Ком“, се сомневаат дека фабриката загадува, сопствениците демантираат


Граѓаните на Прилеп, особено од населбите Сточен Пазар, Чачорица и други кои се лоцирани околу поранешниот гигант „11 Октомври“ се собраа на протест пред фабриката „Ламинати Ком“, за која се сомневаат дека е главниот загадувач на воздухот во Прилеп, каде скоро еден месец се шири неподнослива миризба, на изгорена гума или пластика, особено во вечерните часови. Граѓаните бараат или дислокација на фабриката или ставање на соодветна заштита и филтри.

Единствено што може да мириса на пластика, на смола е тука некој погон Ламинати. Ако има некој надлежен инспекторат во било која форма да си направи инспекција, ако тој загадувачот е на нивото што ги задоволува стандардите, нека работи бидејќи и таму луѓе земаат плата. А ако не да си ги преземи сите потребни мерки за заштита“, вели Златко Мицески, жител на Прилеп.

 

„Не можеш да излезиш надвор, прозорец не можеш да отвориш или врата. Да се дислоцира фабриката од тука, да се однесе надвор од Прилеп,  а не среде град тука ваква фабрика“, додаде Благоја Милошески, жител на Прилеп.

Вчера од Општина Прилеп истакнаа дека миризбата доаѓала од пожарите кои зачестено се случувале во кругот на поранешната фабрика 11 Октомври. Од  26.08. до 14.09.2023 ТППЕ Прилеп интервенирала  таму 12 пати со 15 возила и 35 пожарникари. Земен бил и примерок од местото каде што горело и се очекуваат резултати дали тоа е штетно по здравјето. Но граѓаните не веруваат во ова.

„Значи прозорец не може да се отвори никако, алиштата смрдат на неподнослива миризба. Тие ни викаат дека било од „11 Октомври“, а таму имаше само еден поголем пожар, а другото мал дел од пожар кој немаше никаква миризба. Сето миризбата се чувствува од Ламинати, ништо друго, сето ова е манипулација што ни кажуваат“, вели Игор Секулоски, жител на Прилеп.

Апел за побрзо расчистување на случајот кој загадува во Прилеп упатија и од Невладиниот сектор кој денеска ги поддржа протестите. Не се задоволни од досегашното постапување на инспекциите.

„Тоа резултира со некакви кратки дневни соопштенија кои не ја отсликуваат реалната состојба и граѓаните не се задоволни со тие соопштенија. Како од страна на Општината, така и од Државниот инспекторат за животна средина, бидејќи сметаме дека пред се сѐ сведува, како и за многу други работи во нашата држава, на крај некаков пожар бил виновен и никој не е крив. На граѓаните им е смачено никој да не сноси одговорност за штетите кои се нанесуваат по нивното здравје“, истакна Весна Шапкоски, извршна директорка в СТАНИЦА П.Е.Т.

Томе Ѓорѓиески сопственик на „Ламинати Ком“, кој повторно не сакаше да даде изјава во камера, рече дека инспекциските надзори го потврдиле неговото тврдење од пред неколку дена дека тие не се загадувачи, дека работеле според сите стандарди и тоа дека се потврдило дека загадувач биле пожарите кои се случувале во поранешниот „11 Октомври“. Граѓаните пак се заканија дека ќе продолжжат со протести се до расчистување на случајот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи