По реакцијата на студентите, вратени се старите цени за сместување и исхрана во студентските домови

Facebook
Twitter
Email
Print

По реакциите на студентите за покачените цени за месечна кирија и исхраната во студентските домови, од Државниот студентски дом – Скопје (ДСД) соопштија дека ќе ги вратат старите цени.

Студентите за сместување во домовите на ДСД Скопје до лани плаќаа 3.645 денари. При вселувањето во домовите за претстојната академска година што се случуваше на почетокот на месецов, на студентите им беше побарано да платат сума од 3.945 денари за покривање на трошоците за храна и сместување.

Со став излезе и Министерството за образование и наука од каде кажаа дека нема да дозволат покачување на цените за сместување преку самоволие и непочитување на прописите. МОН потенцира дека ниту еден студентски дом индивидуално не може да ја промени цената за сместување и на студентите избрани преку јавно објавени конкурси да им наплатува различен износ од утврдениот во Програмата. Доколку се утврди постапување спротивно на важечките акти, Министерството најавува дека ќе побара одговорност од директорите кои го направиле прекршувањето.

„МОН покрива 50 проценти од вкупниот износ на цената, која за 2023 година изнесува 6.820 денари. Оттаму, на студентите кои плаќаат партиципација, трошокот им изнесува 3.410 денари месечно. Додека за најмногу 40 проценти од студентите, МОН го покрива целиот износ, доколку се работи за студенти со посебни потреби, деца без родители и родителска грижа, деца од семејства корисници на социјална парична помош итн“, истакнаа од МОН.

Студентски отпор пред два дена соопшти дека во новата академска 2023/24 година студентите повторно се соочуваат со истите проблеми од претходните години, наведувајќи  дека  месечната кирија во студентските домови се зголемила на 3945 денари, трошоците за амортизација на 700 денари.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи