На 22 септември 2023, во петок во 20.00 ч. во ЦК „Марко Цепенков“ целовечерен концерт ќе одржи Љубојна — македонската музичка група којашто изведува етно – музика.
Повеќе од 20 години „Љубојна“ работи на проекти што се засноваат на истражувања на македонската музика и култура. Таа стои зад повеќе проекти, перформанси, прави музика за филмови и од 2002 година од кога е основана, групата настапува со разновидни мултимедијални претстави и концерти во светот.
Досега имаат објавено девет албуми, меѓу кои „Песна за мојата песна“, кој е направен според истоимената поема на Петре М. Андреевски, албумот „Ljubojna in life“, албумот „Ljubojna Brass Fantasy“, снимен со голем лимен дувачки оркестар и претставува оживување на беломорската музика од егејскиот дел на Македонија,…
Досега Љубојна има одржано бројни концерти низ Македонија и во странство, Торонто, Њујорк, Москва, Истанбул, Венеција, Рим, Париз, Марсеј, Солун, Кан, Германија, Словенија…
Влезниците по цена од 100 денари ќе се продаваат во четврток и петок од 10 до 13 и од 17 до 20.00 ч на билетарницата од Центарот.