Инспекторите не можат да излезат со конкретен одговор од каде доаѓа неподносливата миризба во Прилеп. Но се сомневаат дека таа миризбата која што се шири е од предизвиканиот пожар на место каде се дислоцирало во минатото отпад во поранешната фабрика 11 Октомври, кој при негово согорување, тлее и не создава видлив пламен, ова денеска го истакна претседателот на Совет на Прилеп, Дејан Проданоски, по завршувањето на 32 седница на советот, каде една од точките на расправа беше токму загадувањето во градот. Проданоски рече дена земени биле примероци од лице место и дека се чекаат резултати да се види за што станува збор, за каков вид на материја и колку е таа штетна по здравјето на граѓаните.
„Нашите инспекциски служби имаат ограничени можности и не можеме ниту како Општина, тоа е компанија која е во стечајна постапка, најголем сопственик е државата, измешани се ингеренциите и како Општина Прилеп не можеме да преземеме никакви активности во насока на отстранување на тој отпад. Додека не излезат анализите и додека надворешната канцеларија за криминалистички работи не излезе со конкретен извештај дали тоа ќе биде до Јавното обвинителство тука во Прилеп, дали ќе биде испратено до друга некоја надлежна служба, не смеат службите во општина Прилеп да преземаат други активности во насока на дислоцирање на тој отпад. Затоа што по она што го добивме како информација од општинскиот инспектор, имаме безбеден и небезбеден отпад за третирање, оној кој се рачува во оваа прва група може да се дислоцира на било која депонија, меѓутоа доколку се утврди од материјалите кои се земени дека тој е небезбеден за животната средина треба да има посебен третман и да се дислоцира во посебни услови на посебни депонии каде постои можност таков отпад да биде депониран“, изјави Проданоски.
Граѓаните пак се убедени дека миризбата доаѓа од друга фабрика, а не од кругот на поранешниот гигант 11 Октомври, токму и поради тоа во саботата одржаа и мирен протест.
„Од денешното информирање на членовите на Советот се доби впечаток дека навистина повиканите инспекциски служби од локалната самоуправа се на терен се уште, внимаваат на ова прашање, се преземени сите активности и мерки кои им се делегирани согласно позитивните законски решенија и дека затоа што сме сериозни во пристапот и во решавање и надминување на ова прашање, дека се вклучени и надворешната канцеларија за криминалистички работи при Одделението за внатрешни работи во Прилеп, вклучени се ЦУК и Дирекцијата за заштита и спасување. Во неколку наврати е побарана помош и е добиено присуство од Државниот инспекторат за животна средина, добивме информација дека и градоначалникот во понеделникот лично бил во Министерството за животна средина, реагирал исто за да добиеме што е можно побрзо решение. Инспекциските служби денеска нѐ уверија, а верувам дека и граѓаните тоа веќе го чувствуваат, дека таа неподнослива миризба која ја имаме на ниво на град дека не се чувствува во овие последни денови и сомнението главно е дека е причинетиот пожар во кругот на фабриката 11 Октомври или Еурокомпозит, каде инспекторите со надворешната канцеларија за криминалистички работи во Одделението за внатрешни работи зеле примероци и тие примероци биле доставени на понатамошно испитување да се види дали е тоа причинителот што го предизвикувал оној непријатен мирис низ градот“, додаде Проданоски.
Градоначалникот на Прилеп и утрово одржал средби со жители на околните населби на кои им била претставена целата оваа ситуација и дека нспекторите сѐ што било во нивна надлежност го направиле.