Денеска Советот на Општина Прилеп ја одржа својата 32 седница на која беа поместени 30-тина точки по планот за работа на Советот и истите беа донесени. Според претседателот на Совет, Дејан Проданоски, како поважни работи кои биле донесени на оваа седница се измената и дополнување на средствата на Буџетот на Општина Прилеп, што пак била последната административна обврска која требало Советот да ја заврши за да се пристапи кон изградба на ветеното игралиште кое е донација со партиципација, односно со кофинансирање на Општина Прилеп од УНДП и програмата која советниците ја поминаа во минатата година.
„Други точки кои се разгледаа се од формата, односно она што е тековна работа на Советот на Општина Прилеп. Сега имаме законска обврска сите јавни претпријатија да донесат планови за вработување, законската обврска беше да се достават до Советот до 31 август, тоа и го направија и на денешната седница скоро на сите претпријатија, некои беа и побрзи и ги донесовме на минатата седница, но на оваа седница ги донесовме сите планови за вработување во текот на 2024 година.
Треба да ги информираме граѓаните, затоа што секоја година се крева голема прашина околу овие планови за вработување, тие се само планови кои претставуваат можни вработувања во иднина во јавните комунални претпријатија.
За сметка на тоа сакам да спомнам како претседател на Совет дека оваа година и во 2022 година во сите јавни претпријатија е значително намален бројот на вработувањата, затоа што сметаме дека овој период треба значително да се штеди, луѓето живеат во економска криза и така треба да функционираат домаќински и јавните претпријатија.
Се функционира со постоечките кадровски капацитети и гледаме тоа да се сведи на минимум, се разбира онаму каде има природен одлив и каде што е неопходно да се пополни, тука има пополнување и излегуваме од тоа миље на досегашно функционирање на политичарите на локално ниво дека треба локалната администрација, односно јавните комунални претпријатија да бидат наполнати со партиски војници кои не си ја вршат совесно својата работа за која што се примени во јавните претпријатија.
Донесовме и одлуки за средните училишта, тие до Советот доставија програми за работа за 2023-2024 година, тоа им е законска обврска, им ги изгласавме одлуките за извештаите за работа, односно за она сѐ што сработиле во 2022-2023 година.
Од сферата на урбанизмот денеска на седницата беа 3 точки кои се однесуваа на легализации, односно за постигнати услови за вклопување на бесправно изградени објекти на тројца наши сограѓани. Толку беше испорачано до Советот и толку одлуки донесовме, а направивме и една техничка измена на еден детален урбанистички план каде имаше незначителни технички грешки, но заради администрацијата и Министерството за транспорт и врски мораше таква одлука да се донеси од страна на советниците во Советот на Општина Прилеп“, истакна Проданоски.