ВИДЕО – Се освети манастирот Свето Преображение во Крушево или познат како манастирот кој го градеше Тоше


После 37 години на изградба конечно се заврши и освети манастирот Свето Преображение во Крушево или уште попознат како манастирот кој го градеше Тоше. Со ова се исполни една од неговите најголеми желби. Со Литургијата и осветувањето чиноначлствуваше Архиепископот Г.Г. Стефан во сослужување со Митрополитите Петар и Јован и Епископот Климент. Осветувањето се извршува на денешен ден затоа што на 24 септември далечната 1986 година крушевчани го поставиле камен темелникот за манастирот на темелите од стариот манастир за кој се претпоставува дека е од 12 век. Изградбата на манастирот се интензивира откако Тоше се вклучува во неговата обнова, а особено по неговата смрт.

„Тоше прво влегуваше во манастирот, бакнуваше еден камен на ѕидот и викаше: „Овде започнав, овде го најдувам својот мир, тука и ќе завршам“. Тука ги полнеше батериите, многу пати по 3 саати седеше пред олтарот и ако некогаш дојдеше некој од другарите и му го одземаше вниманието, му велеше или ќути и седи тука или излези“, раскажува Анастас Проески, чичко на Тоше.

 

„И секогаш кога се вбраќаше од некаде, дали од странство или од концерти, прво доаѓаше тука, па после си одеше дома. Се чувствуваше опуштено, легнуваше тука на земја и уживаше“, додаде неговиот прв братучед, Тодор Проески.

Црквата е велелепна. Иконостасот е од мермер, додека пак фрескоживописот го изработил бугарскиот уметник Борис Николов Мрскрчки.

 „Ова е нацртано за 6 години по 3 месеци во година. Првата година е цртано од празникот Свето Преображение, од 19 август па натаму. Првата година е цртано околу едем месец, месец и половина. Од средината на септември ѕидовите се ладат и не може да се работи. Вкупно сето ова е направено за 1 година и 8 месеци“, вели Борис Николов Мрскрчки, уметник.

 Гости имаше од цела Македонија, но и од соседните држави.

 „Слушнавме за манастирот, имавме гледано снимки, сега тука го гледаме во живо. Многу е впечатливо што се чувствува таа атмосфера на духовност“, вели посетителка од Бугарија.

 

„Ние сме од Охрид, дојдовме да го видиме манастирот да учествуваме во осветувањето, да оддадеме почит за Тоше“, истакна една посетителка од Охрид.

 

„Од Кочани доаѓаме, дојдовме од раздозналост да видиме каква е црквата на Тоше“, кажа една посетителка од Кочани.

 

„Се исполнува една негова голема желба, комплетно е изграден манастирот Свето Преображение“, кажа друг посетител.

 Осветувањето на манастирот ќе донесе уште повеќе туристи во Крушево.

 „Тоа значи дека од сега па натаму тука ќе може да се прават крштевки, да се склопуваат бракови тука и да има се повеќе гости од овој вид на туризам“, изјави Томе Христоски, градоначник на Крушево.

 Во иднина се планира изградба на уште 2 манастирски конаци и доизградба преуредување на собите за посетители во веќе постоечкиот конак.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи