Огромен интерес во Прилеп за вакцинација против сезонски грип. За да може брзо да се вакцинираат сите заинтересирани лица од сегашните 2, од понеделник во Центарот за јавно здравје ќе започнат да функционираат плус уште 2, односно 4 пунктови за вакцинација. На секој пункт ќе може да се вакцинираат дневно по 60 граѓани, што значна на 4 пункта 240 граѓани дневно ќе може да ја добијат оваа услуга. До денес во Прилеп се вакцинирале 1.540 граѓани.
„Зголемениот интерес значи дека се зголеми свеста кај граѓаните за да се грижат за сопственото здравје, затоа што вакцинацијата се покажа како најдобра превентивна мерка против сезонскиот грип, исто така заштита од различни компликации од болеста, како и им се намалува болничкото лекување од истото заболување“, вели Драгица Николоска, директорка на Центар за јавно здравје Прилеп.
Сите заинтересирани може да се пријават на страницата вакцинација.мк. Оваа година државата обезбедила 60.000 бесплатни вакцини за критичните категории граѓани, плус 15.000 вакцини како донација. А за некритичниѕе категории граѓани има и 4.500 комерцијални вакцини кои чинат по 700 денари.
„Јас се вакцинирам скоро 10 години, имав бронхопневмонија и оттогаш досега фала му на Бога, инаку септември месец секоја година морав да лежам на болница“, вели еден граѓанин.
„10 години со ред се вакцинирам, последниве 10 години поради превентива, 78 години имам и си викам нешто ќе помогни“, додаде друг граѓанин кој чекаше да се вакцинира.
„Редовно 5-6 години се вакцинирам, добро сум, не ме фати грипот, староста натежнува и здравје Господ“, истакна трет граѓанин.
Во опаѓање се и заболените од ковид. Така што ако во октомври се направиле 234 теста со 58 позитивни пациенти. Овие 2 први недели од ноември имало само 66 теста со 12 позитивни лица. Заболените го поминуваат најчесто во домашни услови, без компликации.