Прилепското основно јавно обвинителство интензивно работи на предистражните дејства по отворениот предмет за случајот со новороденчето, кое на 27 октомври се роди здраво во прилепската градска болница, а по три дена поради тешко дишење беше префрлено на Клиниката за детски болести во Скопје каде по една недела почина од сепса.
Според основниот јавен обвинител Стевчо Биноски, предметот е отворен по пријавата на родителите, а обвинителството ја бара целата документација за случајот од Болницата и од Клиниката.
„По пријавата на родителите ги зедовме нивните изјави за случајот, а тие ни ја доставија целата нивна документација. Го презентираа случајот, а во меѓувреме ја побаравме документацијата од прилепската болница и од Клиниката од Скопје. Дали и кој ќе повикаме да даде исказ ќе зависи од документацијата“, изјави Биноски.
Директорката на прилепската градска болница, Кети Смилеска информира дека го исчекуваат барањето и секако ќе ја достават документацијата. Во меѓувреме болничката комисија за интрахоспитални инфекции побара вонреден надзор од двете одделенија – гинеколошкото и неонатолошкото и земени се брисеви.
„Од Центарот за јавно здравје од Прилеп се земени брисеви од сите предмети во одделенијата, како и од персоналот и се чекаат резултатите, како и по надзорот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Документацијата е на располагање на обвинителството“, изјави Смилеска.