Шумите се нашите бели дробови, наше природно и национално богатство, кон кое сите ние треба одговорно да се однесуваме и да ги чуваме. Како министерство, наша задача, но и на сите нас како граѓани, е да се грижиме и да ги чуваме нашите шумски убавини и редовно да вршиме обновување со нови садници, велат од МЗШВ.
Годинешната акција за пошумување „Ајде да пошумуваме заедно“ на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и ЈП Национални шуми има за цел засадување на 1.200.000 садници, во 19 региони, на 36 локации низ државата. Годинешната акција, започнува од овој месец и ќе трае се до март 2024 година и опфаќа пошумување на површина од над 400 хектари со повеќе различни видови садници како бел и црн бор, јавор, багрем, смрча, даб, чемпрез, јасен, костен и ела.
„Нашата успешна соработка со општествено одговорините компании и граѓански здруженија ја потврдивме од минатата година, кога заедно во 21 регион пошумивме повеќе од 300 хекатри, засадувајќи над 800.000 садници“, истакнаа од МЗШВ.
Се повеќе општествено одговорни компании и здруженија на граѓани се приклучуваат кон оваа акција, но и со свои иницијативи за пошумување и збогатување на шумскиот фонд во државата. Една од тие убави иницијативи доаѓа од Халкбанка која изрази желба заедно со Министерството и ЈП Национални шуми за реализирање на голема петгодишна донација на садници за пошумување, која треба да достигне вкупна бројка од 1 милион садници.
„Зелената транзиција за нас е еден од петте клучно поставени приоритети за работа на Министерството, а пошумувањето е една од нашите цели за успешно реализирање на зелените принципи. Да им оставиме на идните генерации чиста, зелена и европска држава.
Ги повикуваме сите граѓани љубители на природата да ни се приклучат во оваа голема акција за пошумување. Ајде да пошумуваме заедно, ајде заедно да ги чуваме и унапредуваме шумите. За нас, за нашите деца за нашата заедничка иднина“, велат од МЗШВ.