Организациониот одбор при храм „Св. преп. мчца. Параскева (Петка) Римјанка“ во нас. Точила, Прилеп, за прв пат објавува ГОЛЕМ БОЖИЌЕН КОНКУРС за литературна творба (проза или поезија) и ликовна творба на тема: РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО – БОЖИЌ.
„Овој голем христијански празник е повод за инспирација и творештво на малите уметници од нашиот град а со цел приближување на верата и овој радосен празник до нивните срца како и нивно обединување и интегрирање во црковниот живот.
На конкурсот може да учествуваат сите ученици од основно образование од нашата општина. Учесниците ќе се натпреваруваат во две категории – литературна и ликовна:
I категорија: Од 1-во до 5-тто одделение и
II категорија:Од 6-то до 9-тто одделение.
За литературната категорија учесниците можат да пишуваат проза или поезија најмногу две страници А4 формат (12 фонт), а во ликовната категорија можат да учествуваат со цртеж (на блок бр. 4 или 5).
Конкурсот ќе трае од 12.12.2023 до 31.12.2023 година. Творбите да бидат потпишани со име, презиме, училиште, одделение, одделенски или предметен наставник, адреса на живеење и телефонски број за контакт. Творбите да бидат доставени во писмена и во електронска форма(за цртежите фотографија) на е-поштата на храм Св. Петка: svetapetkatocila@gmail.com.
Творбите ќе ги оцени жири комисија:
- В.д. старешина на храм Св. Петка, протоереј Љупче Петрески,
- Блага Тутеска, наставник по македонски јазик во пензија и поетеса,
- Павлинче Чочкова, наставник во пензија,
- М-р Александар Џинго, професор по ликовна уметност во средно училиште и,
- Елена Димоска, наставник по ликовно образование.
Во секоја од четирите поткатегории ќе бидат рангирани победници на прво, второ и трето место. Жири комисијата во литературната и ликовната категорија ќе додели и две специјални награди од првите две места во двете категории.
Резултатите ќе бидат објавени на 5 јануари 2024 г. на фејсбук страницата на храмот: Света Петка Прилеп.
Утрото на Бадник, по завршувањето на богослужбата, ќе биде свеченото доделување на наградите пропратено со кратка пригодна програма. Сите учесници ќе добијат пофалници и пригодни награди а првите, вторите и третите места ќе добијат дипломи и предметни или парични награди.
Сите уметнички дела кои ќе учествуваат на конкурсот ќе бидат изложени во храмот во текот на цела седмица по Божик, а на Бадник победниците во литературните поткатегории ќе треба да ги прочитаат своите дела пред присутните а по завршувањето на богослужбата.
Храмот, како организатор, има право сите, или дел, од творбите да ги објави и на својата фејсбук страна.
Се надеваме дека ќе имаме голем број на учесници кои ќе не мотивираат ваков конкурс да биде организиран и во наредните години!
Бог да ве благослови и да ве инспирира да ја распалите вашата имагинација и талент!“, велат од организациониот одбор.