Министерството за одбрана ќе набави нови хеликоптери Агуста Вестланд 149 и 159. По три годишни анализи и прибирање понуди од проектниот тим во министерството за одбрана, понудата од италијанската компанија Леонардо е прифатена како најповолна.
„Во наредниот период, комисијата која ќе биде формирана во министерството ќе има за задача да ги продолжи преговорите со оваа компанија и се надевам успешно да извести за завршување на тие преговори, по што согласно правилата ќе можеме да склучиме и таков договор. Очекувам испораката на тие хеликоптери да биде во рамките на предвидениот рок, а тоа е најдоцна 2 години од потпишувањето на договорот“, рече министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
Агуста 149 е повеќенаменски воен хеликоптер и компанијата тврди дека е најнапредниот модел во својата класа. Првпат полетал во 2008 и оттогаш е продаден на италијанската војска и полиција. Има носивост до 14 патници со опрема.
Агуста 159, исто така, може да се користи за различни задачи. Во употреба е од 2009-та. Има помала носивост, до 8 патници.
„Критериуми по кои се вршени анализите се: однос на цена на набавка, техничко одржување и техничка поддршка, достапност на резервни делови, достапност на специјален алат за одржување, цена на оперативна употреба, животен век и идна перспективност…“ наведуваат од Министерството за одбрана.
Лани Петровска кажа дека планирана е набавка на 8 хеликоптери која ќе чини над 200 милиони евра, откако Владата одлучи да донира 12 армиски хеликоптери Ми-24 на Украина. Тогаш рекоа дека во македонската армија нема место за опрема произведена во осумдесетите.