ДКСК: Од 56 иницијативи за покренување постапка за крвично гонење ниту една не е процесуирана

Facebook
Twitter
Email
Print

Ние својата работа си ја завршивме, отворивме 2.872 предмети од областа на корупцијата и 56 иницијативи за поднесување кривични пријави против функционери и други личности,  а тоа што ниту една не е покрената е одговорност на другите органи во државата, рече Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за петгодишниот мандат на овој состав.

Ивановска и членовите на Антикорупциската комисија сметаат дека ја вратиле довербата во оваа институции и поставиле систем кој понатаму ќе им ја олесни работата на новите членови.

„Од нашите иницијативи за кривично гонење доставени до јавните обвинителства досега нема ниту една јавно обвинителска одлука што стасала до суд, не само од овој состав туку од постоењето на оваа институција од 2002 година навака со исклучок на „Бачило“. Тоа се вкупно над 200 иницијативи за кривично гонење кои излегле од овде во последните дваесетина години како постои оваа институција“, вели Ивановска.

 

„Не сме ние криви што никој не постапува. Дали една птица ја прави пролета? Не, треба и другите органи да постапуваат, да се гони корупција не е доволно само ние и Државниот завод за ревизија да постапуваме. Не можеме да преземеме одговорност за сите, секој треба да си исчисти пред својот двор. Еве на пример, ние поднесовме иницијативе за кривично гонење за струшкиот градоначалник Рамис Мерко и бизнисменот Кочо Анѓушев, но предметите ни беа вратени. Неколку месеци подоцна, двајцата беа ставени на црна листа од САД. Тоа значи дека нашата работа и сомневање биле точни“, рече Ивановска.

Ивановска истакна дека би можеле многу повеќе да направат доколку условите кои биле потребни за нивна работа биле побрзо исполнети. Во однос на тоа дали во нивниот мандат се соочиле со притисоци или закани, таа вели дека не се соочиле со такви ситуации, но и дека нивниот јавно изнесен став бил своевидна брана за евентуални такви обиди. Според неа, притисоците биле јавни, како што се соопштенија од тројцата вицепремиери кои коментирале наоди на ДКСК, потоа настапот на ЈО кога кажа дека ја прекинува соработката.

Актуелниот состав на ДКСК ќе одржи уште една седница в понеделник во рамки на својот мандат. Новиот состав на ДКСК кој беше избран од Собранието ќе стапи на должност на 8 февруари.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи