ДКСК: Државните институции не ги пријавуваат службените возила – само 300 од 1.500 институции доставиле податоци

Facebook
Twitter
Email
Print

Само 25 проценти или 300 институции од вкупно 1.500 ја исполниле законската обврска и доставиле податоци за службените возила кои ги користат до Државната комисија за спречување на корупцијата, вели новата претседателка на ДКСК Татјана Димитровска.

Димитровска, во интервју за МРТВ, посочува дека има слабост на Изборниот законик кој предвидува прекршочна постапка, но не предвидува санкција.

Согласно надлежностите уредени во Изборниот законик, појасни дека ДКСК е надлежна да води регистар на службени возила, кои содржи податоци за институцијата која ги користи, бројот и таблицата на возилото.

„Новиот состав на ДКСК воспостави соработка со МВР и побара за 1.500 државни институции да достават податоци за службените возила кои ги користат. Бројката која што ја обезбедивме се однесува на 1.500 државни институции, кои располагаат со скоро 12 илјади службени возила. Заклучно со 24 февруари сите институции имаа обврска да ги достават овие податоци, согласно кои ДКСК има право во рок од 15 дена да покрене прекршочна постапка пред надлежен орган за оние институции кои што немаат доставено податоци, изјави Димитровска во интервју за МРТВ.

Таа нагласи дека ќе покренат постапка за утврдување на одговорност за ова и ќе побараат одговорност од органите кои вршат избор и именување на овие лица.

Откако се распишани изборите, претседателката на ДКСК посочи дека се оформени вкупно 13 предмети поврзани со изборните процеси. Исто така, нагласи дека на колегиуми оформиле и два предмети кои се однесуваат на постапката за јавната набавка на медицинските возила преку Министерство за здравство и за јавната набавка на хеликоптери преку Министерството за одбрана и по обезбедувањето на фактичката состојба и докази соодветно ќе донесат одлука.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи