Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) бара поврат на 2,2 милиони евра од Македонија злоупотребени преку програмата Еразмус+ во периодот 2016-2018 година. Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Марко Ѓоргиевски, денеска ја извести јавноста дека е пристигнатото информативно писмо од страна на Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија со конечно решение за извршување на 2,2 милиони евра.
Ѓоргиевски на прес-конференција соопшти дека предметот е кај Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, но поради предистражната постапка не може да соопшти повеќе детали.
„Во известувањето бевме информирани дека постојат одредени наоди за неправилности во врска со проектни досиеја на 22 корисници на грант од програмата Еразмус+ финансирани од Европската комисија. Согласно ова известување, се бара поврат на средства 2.276.212 евра кои биле доделени како грантови во периодот од 2016 до 2018 година“, рече Ѓоргиевски.
Во меѓувреме имало состаноци со релевантни институции, а прашањето било поставено и на владина седница. Управата за финансика полиција потврдила дека е пристигнат извештај од ОЛАФ и доставен до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
„Во март добивме известување за конечноста на одлуката согласно извештајот. Во тек е предистражна постапка на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција и ќе ве замолам за разбирање што повеќе нема да можам да споделувам детални информации“, речедиректорот пред медиумите.
Ѓоргиевски додаде дека ќе се разговара со владата како во иднина повеќе да нема вакви скандали пред Европската комисија со доделувањето и прераспределбата на грантовите. Агенцијата ќе соработува со Обвинителството и со финансиската полиција.