По повод 100 години од своето постоење „Прилепска пиварница“ денеска засади 100 дабови дрвја во близина на манастирот Св. Димитрија кај прилепското село Селце. Дабовите дрвја кои се заштитен знак на пиварницата по добро познатото пиво Златен даб беа засадени на местото каде пред неколку години изгоре поголем дел од шумата. Ова се само дел од активностите кои оваа општествено одговорна компанија ги презема за заштита на животната средина.
„Ја продолжуваме нашата зелена агенда која што е топ приоритет во нашето постоење и работење во последните неколку години, со тоа што се грижиме за животната средина, на почвата, на водата и на воздухот со континуирани активности и инвестиции во намалување на отпадните води, во намалување на грамажата на ПЕТ амбалажата, во намалување на испуштањето на штетни гасови во воздухот, така што ова е само еден континуитет во досегашните активности“, истакна Сашо Самарџиоски, генерален директор на „Прилепска пиварница“.
„Со тоа покажуваме дека се грижиме за животната средина, за екологијата, но и упатувам еден апел сето ова да го зачуваме во иднина, не само да го зачуваме туку да предизвика и поттик за младите генерации“, додаде градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.
Ретки се оние компании во Македонија кои може да се пофалат со еден ваков јубилеј од 100 години постоење, а особено пак на брендови кои постојат еден цел век како што е пивото „Крали Марко“ со кое започнала да работи пиварницата.
„Имаме доста млада екипа, млад тим тука со нас, менаџерскиот тим се труди да даде максимум во овие тешки турбулентни времиња за да ја одржи фирмата во добра финансиска сотојба и со добра продажба. И мислам дека преголемата нижвна максимална посветеност на работата придонесува да работите се такви какви што се“, додаде Самарџиоски.
После корона и економската криза од „Прилепска пиварница“ во иднина очекуваат да има помирен период, да се стабилизира стопанството, а исто така очекуваат после изборниот процес во Македонија да се создадат стабилни економски политики.