Градоначалникот Борче Јовчески соопшти дека во текот на вчерашниот ден имал средба со министерот за спорт, Борко Ристовски, со кој што одржале конструктивен разговор на тема постоечка спортска инфраструктура во Прилеп.
„Во текот на разговорите посебен акцент беше ставен на Универзалната сала и салата Македонија, кои за жал во овој момент се нефункционални за нашите спортски клубови и спортисти (иако многу пати реагиравме и до претходната централна власт). Со голем оптимизам очекуваме дека преку новоформираното Министерство за спорт, ќе успееме заеднички да најдеме начин и да пуштиме во употреба барем една од овие сали во најскоро време. Наша заедничка цел е да ги подобриме условите за спорт во нашата општина, и ќе го оствариме тоа, како и да го вратиме достоинството на прилепските спортисти и да создадеме подобра спортска инфраструктура која ќе им овозможи на младите да развиваат здрави спортски навики и да постигнуваат успешни резултати не само во Прилеп, туку и во цела Република Македонија“, вели во соопштението градоначалникот Јовчески, без да се прецизира како точно и кога ќе се реши овој децениски проблем во Прилеп.