Со блокада на патниот правец Прилеп – Градско кај Заполшки мост од 6:30 до 9:00 часот, жителите од село Ореовец, село Крстец, како и од Прилеп, одржаа мирен и предупредувачки протест на кој што порачаа дека нема да се откажат од нивното барање за дислокација на рударскиот коп над селото Ореовец од страна на конзорциумот „Бехтел и Енка“, со цел копање на тампон за патиштата кои што тие треба да ги градат низ државата.
Веќе 90 дена тие го блокираат локалниот пат кон селото Ореовец, истакнувајќи дека отворањето на рударскиот коп над селото Ореовец, покрај штетата која што ќе биде нанесена врз нивните живеалишта, уште поголема е штетата врз животната средина, односно изворите на вода кои се наоѓаат на таа планина, ендемскиот вид на пеперутка Македонската сивка која што е загрозена, како и огромното загадување на воздухот со прашина од самата работа на рудникот.
Учесниците на протест се заканија дека доколку не биде одговорено на нивното барање за дислокација на рударскиот коп, тие ќе ги интензивираат протестите и ќе го блокираат магистралниот пат секој ден.
„Проблемот кој го имаме со ископот во нашето село трае 90 дена, 90 дена ние како жители на село Ореовец покушуваме да стапиме во контакт, се обративме и усно и писмено, а и преку вас медиумите во неколку наврати, да одржиме еден заеднички состанок со ЈПДП и Министерството за транспорт и врски, но за жал до денес не наидовме на разбирање. Покрај 90 дена протестирање на локалниот пат, денес одлучивме да упатиме апел од овој регионален правец Прилеп – Скопје дека нашите намери се чесни, дека имаме само едно барање, дислокација на ископот во село Ореовец. Значи ние како жители, како граѓани на општина Прилеп не сме против изградба на патишта, впрочем имаме проблем со ископот кој е на 200 метри од нашите објекти. Верувам дека овој протест ќе го слушнат институциите во државата и час поскоро ќе седнат на еден заеднички состанок, им даваме рок до крајот на оваа работна недела. Во спортивно ќе бидеме приморани ова кое за жал се случува денеска и ќе носи последици за нашата локална економија и граѓаните кои поминуваат на овој патен пратец, ќе мораме да го интензивираме и да го правиме секојдневно“, рече Рубин Талески, претставник на месна заедница Ореовец.
Тие велат дека трпат голем број на притисоци, но сепак нема да се откажат од нивното барање.
„Денеска сме тука собрани бидејќи 3 месеци буквално тука стражариме, ја чуваме нашата планина од надворешниот непријател „Бехтел и Енка“, а уште поголем непријател ни стана ЈПДП, бидејќи едните се под другите. После 3 месеци неодзвивање, глувост, решивме малку да радикализираме, да видат другите дека сепак нешто се случува. Ни ги загрозуваат прво животите, второ водата, дали има поголемо нешто конкретно од ова? Нема! Пробаа се, на сите можни начини, а ние почнавме со закон и одиме понатаму, пробаа на секакви валкани начини да не избркаат, со сила, со внатрешни непријатели, но ние 45-50 души остануваме овде да браниме, нема никој со сила да не избрка од тука.
После овој протест им даваме 7 дена време на ЈПДП и на „Бехтел и Енка“, ако не се одзвијат на нашите барања, т.е. ние имаме само едно барање, релокација на „позајмиште 6“ како што популарно ни го викаат нашето ридче над село Ореовец. На само 3 километри од тука, на рудникот од Теракота има исправа Г1, надвор од населено место, со струја, обезбедено да минираат колку сакаат, квалитет на материјал 9 наместо овој овде кој е 7, но тие упорно се концентрираат на нашиот рид. Не знам зошто, но секако постои причина“, истакна Дејан Ачкоски.
„Бараме само да се дислоцираат од ридот над Ореовец, едно барање кое е многу битно за нас, за да имаме чист воздух, за да можиме повторно да си уживаме во нашите викендички и живеалишта“, рече Весна Станкоска
Поддршка на протестот дадоа и членовите на политичката партија Левица. Истакнаа дека ова не е прв пат да ги поддржат локалните жители и дека нивната пратеничка група и правниот тим на партијата им стојат на располагање.
„Даваме поддршка на луѓето, затоа што дејствувањето на конзорциумот „Бехтел и Енка“ ја девастира животната средина и директно го загрозува животот на луѓето во Прилеп. Не ни е прв пат да ги поддржиме на блокадите, нашата пратеничка група и нашиот правен тим им е на целосно располагање на активистите, ние веќе го побаравме преку Парламентарен институт договорот да го добиеме, но не го добивме и сега ќе бараме декласификација на истиот, затоа што има основано сомневање дека е сторено кривично дело „Злоупотреба на службена должност“ при негово потпишување, затоа што прво беше потпишан договор, а потоа беа менувани закони за да одговараат на тој договор и ако се заврши ова на кривично правна процедура, во цел тој процес ако се утврди дека навистина има кривично дело, во правото постои правен принцип кој вика дека од неправо не може да призлезе право и тоа е добар основ да се раскине договорот, без да треба државата да плаќа штета“; рече Сашко Јанчев, пратеник од политичката партија Левица.