Малите и средните претпријатија се двигател на македонската економија, поддршката за нивната работа е врвен приоритет за министерството за економија и труд, истакна заменик министерот за економија, Марјан Ристески, кој денеска оствари средба со вработените при Сектор за претприемништво и конкурентност на малите и средни претпријатија (МСП) при министерството за економија и труд, како и со државниот советник во министерството, Јумни Адеми.
„На средбата дискутиравме за нивната работа, проектите кои ги реализираат, како и со предизвиците со кои се соочуваат во нивната работа. Цел на мене и министерот Дурмиши е да ги трансформираме службите во министерството во вистински сервисен центар, се со цел зголемување на ефикасноста на помошта која ја нудиме за малите и средните претпријатијата во Македонија. Во моментов активни се 5 јавни повици за поддршка на малите и средните претпријатија, каде се предвидува финансиска поддршка за повеќе категории (https://www.economy.gov.mk/oglasi.nspx) , додека до крајот на годинава ќе се распишат уште два, и тоа за финансиска поддршка за женско претприемништво за отворање на нов канал на online продажба, како и за кофинансирање на дел од трошоците за едукација на лица до 29 години вработени во микро, мали и средни претпријатија“, истакна Ристески.
Тој ги повика сите заинтересирани да аплицираат на јавните повици на министерството и да ги искористат понудените поволности за развој на нивните претпријатија.