Македонскиот национален тим освои еден сребрен и три бронзени медали на 17. Светска олимпијада по геонауки IESO2024 која се одржа во Пекинг, Кина.
Ивана Атанасовска од Прилеп и Милена Ангелова од Делчево освоија бронзени медали во категоријата на индивидуален тест на знаења и тоа помеѓу 140 ученици од 35 држави од сите континенти. Михаела Павловска од Македонска Каменица освои сребрен медал, а Атанас Ташковски од Крушево бронза во категоријата за интернационална тимска презентација.
„Честитки за учениците, нивните родители, наставници, а секако и до Македонското географско друштво (МГД) и неговиот претседател кој придонесе во организација на целиот национален процес од државните натпревари, преку соодветната логистика, помош околу спонзорства и др. Јас, како главен ментор, заедно заедно со колегата ментор Свемир Горин, се потрудивме за тие кратки 2 месеци да ги подготвиме децата најдобро што може, да ги организираме до овде (Кина) и соодветно да ја претставиме нашата Македонија пред 300 ученици, ментори, наставници, професори, истражувачи. Одиме понатаму“, изјави проф. д-р Ивина Милевски, еден од водачите на тимот.