Како што информираат од ЈПДП, од изведувачите и надзорите над градбата на експресниот пат Трајановски бил запознаен со моменталната состојба и со предизвиците пред кои се исправени за нивно надминување за запазување на предвидениот рок на изградба кој истекува кон крајот на годината.
„Директорот Трајановски од инженерите беше известен дека процентот на реализација на првата делница е 95, а на втората делница 85 отсто. Вкупната должина, пак, на експресниот пат е 26 километри. На првата делница Градско-Дреново, изведувач на работите е Штрабаг, а надзор е ЕГИС, а на втората делница Дреново–Фариш, изведувач на работите е СИНОХИДРО и надзор се ГЕИНГ и ЕВРО КОНСАЛТИНГ“, прецизираат од ЈПДП.
Во моментов, како што посочуваат, првата делница е речиси готова, потребно е уште да се постави заштитна одбојна ограда, како и санација на една косина. На втората делница веќе се целосно пробиени двете цевки на тунелот, изведени се бетонските работи на тунелот, се санираат косините, се врши асфалтирање, а се гради и еден кружен тек на постојниот пат (кај клучка Дреново), како и изведба на други тековни градежни работи согласно со Проектната документација.
„Коридорот 10д е еден од најзначајните патни правци во државата бидејќи низ него дневно поминуваат околу 6.000 возила од сите категории и многу товарни возила. Токму од овие причини посветуваме внимание на изградбата на експресниот пат Градско-Дреново со кој значително ќе се олесни протокот на сообраќај, а со завршувањето на изградбата значително ќе се скрати и времето на патување од Градско кон Прилеп и Битола“, велат од ЈПДП.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски од изведувачите и надзорите побара поголема динамика во изградбата и запазување на роковите.