На 31ви Август 2024 година во Кривогаштани во организација на Општина Кривогаштани со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и други соработници и партнери по втор пат ќе се организира Фестивалот на пиперката.
„Нашето црвено злато – пиперката капија, низ оригиналните рецепти од нашите поколенија надополнети со љубов од вештите мајстори во гастрономијата стануваат врвни деликатеси кои се незаменлив дел од нашата трпеза, и вистински одраз на нашите традиционални вредности. Со оваа манифестација ќе промовираме производи кои се одлика на богатото, препознатливо македонско производство во општина Кривогаштани и нејзините културни и традиционални вредности.
Локалната гастрономија ќе биде претставена преку храна и пијалок, а нашата култура ќе биде претставена преку нашата македонска музика. Важноста од производството на пиперка ќе биде прикажана низ едукативно-забавно катче за најмладите.
Создаваме успешна приказна за нашата култура и традиција промовирајќи ги локалните обичаи, домашната храна, земјоделското производство и потенцијалот на општина Кривогаштани“, велат организаторите.
Да се потсетиме на минатогодишното издание на Фестивалот на пиперката преку следното видео, во продукција на Инфо Компас.