Попладнево поради силниот ветар ескалираше пожарот кој неколку дена гори во Мариово и сега линијата на пожарот е над 20 км. Најзагрозени во моментов се селото Бонче и манастирот Свети Илија Писокал. Пожарот во моментов се движи и кон селата Крушевица, Пештани, Дуње и Кален. Во текот на денот се направени обиди за вклучување на хеликоптер и Ер трактор, но поради густиот и огромен џад леталата не биле во можност да се гаснат при што биле приземјени. Поради тешката ситуација вечерва се одржа и кризен штаб на Општина Прилеп. За утре е најавено повторно гаснење од воздух
„Работиме на тоа оваа вечер да се стави во мирување, додека утре со воздушната поддршка што ќе стартува уште од 6 часот, имаме ангажирано и хеликоптер и авион, еве да ги известам и нашите сограѓани, хеликоптерот ќе слетува на стадионот на Могила, така да да нема паника околу нашето население. Осум часа ќе биде активно гасењето на пожарот со воздушната поддршка, се надеваме ќе успееме да го локализираме овој пожар, да го изгасниме. Веќе го гледаме, на сртот се гледа, страхуваме дека веќе се приближува кон село Волково, во моментот во опасност е и манастирот Писокал, меѓутоа тимовите кои се на терен, стручните служби ги насочуваат и кон заштита на овој манастир. Веќе кај Бонче е зафатена и борова шума, се плашиме доколку кракот земе замаф кон Селечка, она од кое стравуваат и искусните во оваа област, страхуваат да не излези до Лениште“, Ирена Стерјоска Локвенец началник на Кризен штаб.
Во моментов освен припадниците на ТППЕ Прилеп биле ангажирани и пожарникари од соседните општини како Битола, Кавадарци, Новаци, Могила и Ресен.
„Рано наутро ќе бидат вклучени 70 припадници на македонската армија, 25 припадници на специјална полиција, 40 вработени во Национални шуми, зборувам за искусни пожарникари од Национални шуми за шумски пожари и повеќе од 60тина пожарникари од територијата на државата, не само од соседните општини. Значи вкупно ќе имаме 195 лица припадници на армија, полиција, пожарникари, Национални шуми, но одговор на вашето прашање за доброволци, во овој момент немаме потреба од доброволци. Локалното население кое живее во селата треба да помогне, бидејќи ја знаат областа, го знаат местото, но ако има потреба ние можеме да донесе 100 или 200 војници плус, така да нема потреба од ангажман на обични граѓани кои за недајбоже може да настрадаат, бидејќи гаснењето на ваков пожар воопшто не е едноставно“, истакна Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.
Обидите се пожарот да не излезе од Мариовската област и истиот да не се префрли и на Селечка планина.