Општина Прилеп ги поднесе планираните проекти до Министерството за локална самоуправа, кои се од особено значење за развојот на нашиот град и кои очекуваме да бидат поддржани од Владата на Република Македонија. Овие проекти се дел од нашата визија за подобра инфраструктура и развој на општина Прилеп, напиша на Фејсбук градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.
Поднесените проекти вклучуваат:
- Изградба на кружен тек на улица „11-ти Октомври“, улица „Кеј 9-ти Септември“ и улица „Кеј 1-ви Мај“ (мост „Табана“).
- Изградба на дел од улица „Победа“, од крстосница со улица „Александар Македонски“ до крстосница со улица „Павел Шатев“.
- Реконструкција на постоечки водоводни линии во градска четврт Карабдалица. (во централното градско подрачје)
- Реконструкција на дел од јавна површина со партерно уредување и поставување на урбана опрема во централното градско подрачје на Прилеп (кај хотел „Скопје“).
„Сакам да изразам огромна благодарност до премиерот Христијан Мицкоски, затоа што за првпат општините во Македонија ја добиваат потребната помош од Владата и имаат вистински партнер. Со оваа соработка, ќе постигнеме дополнителен развој и ќе создадеме подобри услови за живот за сите наши сограѓани“, напиша Јовчески.