Бројот на малолетнички бракови на млади од 16 до 18 години во Прилеп секоја година се движи околу 10. Додека бројот на малолетници помали од 16 години не се знае но се претпоставува дека бројката е далеку поголема. Според Центарот за социјална работа од Прилеп потребни се кампањи за намалување на овој негативен тренд кај нас.
„Имаме случаи и каде малолетници под 16 години родиле дете, односно дете роди дете. Тука треба да се делува превентивно, да се организираат трибини, флаери да се делат, во училиштата повеќе да се разговара на оваа тема“, рече Јасмина Митреска, социјален работник.
За подигнување на свеста за оваа негативна појава кај нас прилепското радио Пела и учениците од СОУ „Ѓорче Петров“ ја изведоа драмата „Маѓепсан круг“.
„На еден подиректен и попристапен начин да ја доближи оваа појава до локалната заедница, со единствена цел да може да ги препознае, детектира и пријави овие малолетнички бракови“, истакна Елизабета Филипоска, Радио Пела.
Од училиштето велат дека за жал се зголемува оваа појава кај децата. Иако тие многу разговарале на оваа тема со младите, сепак сметаат дека недостасува поголема комуникација и дијалог со родителите.
„Многу често е разговарано со учениците, повикувани се на разговор, советувани се, меѓутоа за жал скоро никогаш не наидуваме на разбирање од ученичките. Она што одлучиле да го направат го прават, заминуваат и последиците си ги согледуваат подоцна, кога за жал е доцна“, вели Жанета Видеска, директорка на СОУ „Ѓорче Петров“.
„Еве оваа генерација каде што предавам уште во прва година неколку девојчиња, па и втора и трета година се омажија млади. Во мојата долгодишна работа во просвета се соочувам со недоволна конекција помеѓу родителите и децата, тоа е голем проблем и голема причина за оваа состојба“, истакна професорката Билјана Тинтоска, режисер и сценограф на претставата.
И учениците велат дека оваа појава е застапена кај нивните врсници.
„Имав пријателка која имаше само 13 години и таа беше испратена во Битола од страна на нејзините родители и омажена. На 13 години родите дете. По една година и половина се разведе, но не можеше да го добие старателството на детето бидејќи беше малолетна“, истакна Исидора Николоска, учесник во претставата.
Претставата е поддржана и од Совет на Европа и се одржа синоќа во ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.