Прилепското село Мало Коњари доби теретана на отворено, која се наоѓа во училишниот двор во ООУ „Страшо Пинџур“. Проектот е во реализација на Про локал и Младински совет Прилеп, во соработка со Општина Прилеп, а финансиски поддржан од Холандија. Овој потпроект „Зајакнување на спортската инфраструктура во Мало Коњари“ се реализира во рамките на поголемиот проект „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“ и кој освен Мало Коњари опфаќа уште 8 други населени места во Пелагонија.
„Денес славиме успешен пример на директна соработка помеѓу младите и општината која беше фацилитирана од Про Локал и Младински совет Прилеп. Про локал работеше интензивно во изминативе години со уште 8 партнерски организации од целиот регион да ги воспостави тие процеси за да младите луѓе научат дека само со вклученост и нивно проактивно делување можат да направата позитивни промени во кои што живеат“, истакна Емилија Ѓероска, Про локал, реализатор на проектот.
Партнери во овие проекти се и општините, а општина Прилеп веќе 3 година по ред е вклучена во овие проекти и помага во нивната реализација со кофинансирање.
„Би сакал да потенцирам дека ова е еден од најважните проекти за целокупниот регион кој што го оппфаќа нашето училиште, а се разбира посебно тука исто така им се заблагодарувам на Младински совет Прилеп и Про локал. И му посакувам и понатаму да имаат вакви успешни проекти кои значат продуховување на нашето севкупно живеење“, изјави Зоран Петрески, директор на ООУ „Страшо Пинџур“ – с. Мало Коњари.
Реализацијата на овој проект чини околу 3.000 евра.