Вчера во Хотел Гарденија, Велес се одржа IX седница на “Македонска Асоцијација на Аматерски Велосипедски Здруженија и клубови” (МААВЗК). На оваа последна седница за оваа година се сумираа резултатите од работата на вкупно 24 здруженија и клубови членки на Асоцијацијата од цела Македонија.
Во 2024 година здруженијата и клубовите членки на Асоцијацијата одржаа вкупно 27 велосипедски настани низ целата територија на Република Македонија со што во целост го исполнија предвидениот календар на велосипедски настани.
На овие 27 велосипедски настани учествуваа преку 5.000 велосипедисти што е позитивен сигнал дека Асоцијацијата е вистинската организација за промоција на велосипедизмот во Македонија, а покрај тоа овие настани се промотори на сите региони на Македонија, на нивните природни убавини и секако промотори на активниот и алтернативниот туризам кој е во постојан пораст во Македонија.
Во текот на својата работна седница беа направени и планови за идната 2025 година и беше креиран нацрт-планот за Календарот на Велосипедски настани за 2025 година.
За наредната 2025 година се предвидени преку 30 велосипедски настани, а Асоцијацијата се надева на уште поголем интерес на вљубениците на планинскиот велосипедизам во Македонија и во регионот.
Покрај тоа на седницата беа усвоени и неколку идни планови на Асоцијацијата кои во голема мерка ќе им бидат на помош на сите организатори на овие спортски манифестации.
Покрај Нацрт плановите за 2025, Претседателот на Асоцијацијата, Зоран Јаневски даде извештај за финансиското работење на Асоцијацијата за 2024 година.
Македонската Асоцијација на Аматерски Велосипедски Здруженија и клубови МААВЗК се финансира единствено од сопствени средства, односно од членарина.
Наредната седница е предвидено да се одржи кон крајот на февруари 2025 година каде точно ќе се дефинираат активностите кои ќе бидат организирани под капата на Асоцијацијата.