МЕПСО го раскина договорот со изведувачот на проектот за 400 kV интерконекција помеѓу Македонија и Албанија

Facebook
Twitter
Email
Print

АД МЕПСО информира дека е раскинат договорот со „Енергоинвест“ ДОО Сараево, Босна и Херцеговина, изведувач на изградбата на 400 kV далновод од ТС „Битола 2“ до македонско-албанската граница.

„До неодложно раскинување на договорот доведе неисполнувањето на обврските од страна на изведувачот и барањата на изведувачот за дополнителни плаќања поради значителното зголемување на трошоците за материјали и услуги. Тоа доведе до неможност за постигнување согласност меѓу двете страни“, известуваат од компанијата.

Договорот со „Енергоинвест“ ДОО Сараево, Босна и Херцеговина, беше склучен на 7 февруари 2020 година, со рок за завршување од 30 месеци. Рокот истече на 30.5.2023 година.

„Треба да се истакне дека во овој период изведувачот неколкупати го напушташе градилиштето барајќи дополнително плаќање, што беше одбиено од АД МЕПСО поради типот на договорот – клуч на рака. И покрај повеќекратните напори на АД МЕПСО за усогласување и преговарање, договор не беше постигнат. Затоа, АД МЕПСО ја донесе неопходната одлука за раскинување на договорот“, истакнуваат од МЕПСО.

Од компанијата додаваат дека од почнувањето на проектот па досега реализирани се 24 од планираните 269 фундаменти за столбови (8,9 %), а доставени се 51,2 % од опремата.

„Имајќи ја предвид настаната ситуација, слабата динамика, напуштањето на работата, цениме дека раскинувањето на овој договор, всушност претставува почеток на завршување на овој проект, кој претставува врвен приоротет за АД МЕПСО и за Владата на РСМ.

АД МЕПСО останува посветен на завршувањето на 400 kV интерконекцијата со Албанија и веќе почна подготовки за рестартирање на проектот. Друштвото ќе иницира нова тендерска постапка според насоките на ЕБОР за избор на нов изведувач, кој ќе продолжи со изградбата.

Успешната реализација на оваа интерконекција останува приоритет за АД МЕПСО бидејќи ќе ги зајакне регионалната енергетска стабилност и интеграцијата со значителни придобивки за Северна Македонија, Албанија и регионот во целина“, се наведува во соопштението на МЕПСО.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи