Неспособноста на општинската власт предводена од ДПМНЕ и градоначалникот Борче Јовчески, го претворија Прилеп во град на хаосот и безредието! Замрзнатите улици, тротоари и јавни површини, од Прилеп направија лизгалиште на отворено. Движењето на пешаците и учесниците во сообраќајот стана пресметан ризик опасен по здравјето и безбедноста на граѓаните, велат од ОО на СДСМ Прилеп во своето соопштение.
„Впрочем, зголемениот број пријави на скршеници на екстремитети и други телесни повреди на граѓаните на Прилеп, најдобро сведочат за ненормалните услови за живот во нашиот град. Градскиот превоз се одвива само на рамните делови од градот, бидејќи автобусите не можат да се искачат и да се движат по неисчистените и замрзнати улици од повисоките зони.
Заради неисчистените патишта, оневозможен е пристапот до голем дел од населените места во општина Прилеп.
Како капак на се’ и врв на нестручното и несовесно менаџирање на градот и јавните претпријатија, вчера се сруши и дел од покривот на затворениот Градски пазар!
На мизеријата режирана од Јовчески и ДПМНЕ и’ нема крај!
Градоначалниче Борче Јовчески, ако малку го сакаш Прилеп, ако барем малку имаш почит кон своите сограѓани, поднеси итна и неотповиклива оставка! Сега и веднаш, бидејќи секој твој нов ден на чело на градот, значи непоправлива и ненадоместлива штета за Прилеп и прилепчани“, додаваат од СДСМ.