ВИДЕО- По 9 пат во Прилеп „Winter Apricots“ на 6, 7, 8 февруари – 50-тина кратки филмови од целиот свет пред публиката


Деветта година по ред во Прилеп ќе се одржи фестивалот на краток филм Winter Apricots, чии организатори се двајцата денешни мои соговорници Елена Мелончели од Италија и Дарко Ѓорѓиески од Прилеп. За тоа што ќе се случува на фестивалот и што ќе има можност да погледне публиката ќе поразговараме со нив двајцата. Разговорот го започнуваме со Елена, како што кажавме доаѓа од Италија, но веќе 9та година тука заедно со Дарко го организирате овој фестивал.

Фестивалот се одржува оваа година 3 дена, 6, 7, 8 февруари, што ќе има можност да погледне публиката?

Мелончели: Фестивалот ќе биде 3 дена и како и секоја година многу интересна ќе биде програмата со oф-програма и официјална селекција. Официјалната селекција ќе биде за кратки филмови, македонска, балканска и официјална интернационална селекција. Во секоја селекција ќе има од 10 до 15 кратки филмови, анимирани, документарци, фикција, многу интересно ќе биде и многу интензивно, но убаво. Во четврток во оф-програмата ќе има уште една селекција на филмови, танцови филмови во соработка со италијанскиот фестивал за танц и танцови филмови FuoriFormato, во Џенова, со селекција на филмови во соработка со уметничко друштво. Тоа е традиција на фестивалот, од првата година имаме селекција во соработка со FuoriFormato и многу и мило што ќе ја продолжиме соработката.

Колку филмови ќе има можност да погледне публиката?

Мелончели: Околу 50 филмови.

Од кои држави?

Мелончели: Од секаде, од целиот свет. Многу диверзитет има во филмовите, што е многу битно за Winter Apricots, не сакаме да имаме само филмови од Европа или поблиски кинематографи, битно е да истражуваме и да гледаме, а воедно и да учиме што има и што се прави во други земји.

Колку се труди Winter Apricots да биде блиску до фестивалите што се одржуваат во Европа од ваков жанр на краток филм?

Мелончели: Тешко прашање, во светот има многу различни филмски фестивали и јас лично мислам дека Winter Apricots не е далеку од фестивалите во други земји. Има попартизанска душа.

Значи повеќе се работи од љубов, отколку за пари или за некаков интерес.    

Мелончели: Да, не е толку многу за пари или за интерес, не е толку формален фестивалот и вакви фестивали има секаде, но во исто време сакаме да правиме некој чекор, да одиме поблиску до поголеми и со повеќе структура фестивали.

Како може тоа да се постигне, со повеќе пари и финансии или?

Мелончели: Сигурно, за настан треба пари, за добар настан љубов мора да се има, ама пари треба. Ние правиме се што можеме, но реално ако сакаш да имаш повеќе денови или гости, работилници за млади, мора да имаш повеќе пари. Треба да се поканат луѓе и некој минимален буџет треба да го имаш и тоа 100% ќе биде различно за фестивалот тогаш.

Значи поголема поддршка и од државата, но и од бизнис секторот, од општествено одговорни компании кои на еден начин би нашле свој интерес во рекламирањето преку овој фестивал.

Мелончели: Да, апсолутно.

Наш втор соговорник е Дарко Ѓорѓиески, како што најавивме 50тина филмови ќе бидат прикажани. Колку стигнуваат кај вас за селекција, како се одбираат, колку време трае тој цел процес?

Ѓорѓиески: Процесот на пријавување, гледање и селектирање на филмови, бидејќи веќе 9 години го работиме ова нешто е стандардизиран за нас како фестивал и неколку години следиме една иста формула. Пријавувањето се врши на онлајн глобална платформа која ја користат фестивали од секаков профил и големина, FilmFreeway, и до таму ние ги добиваме филмовите. Секоја година варира, но просечно последниве 5-6 години се стандардизира бројката на некаде околу 1.000 пријавени филмови. Ние ги прегледуваме како тим за селекција и од нив стигнуваме до некои 10-15 финалисти.

Колку мина се вклучени во таа комисија за селекција?

Ѓорѓиески: Во моментот, а и во изминатите години селекциониот процес го вршиме јас и Елена и потоа избираме жири членови кои се гости на нашиот фестивал со физичко присуство, на кои им ја даваме обврската и задачата да ги прогласат победниците.

Колку време треба за да се прегледаат сите тие 1.000 пристигнати филмови, кажавме дека се кратки но сепак бројката 1.000 е навистина импресивна?

Ѓорѓиески: Времето потребно за квалитетно да се прегледаат такви филмови е доста големо, тоа е една интензивна работа која приближно одзема од 2 до 3 месеци за двајцата, со регуларна дневна навика за гледање на филмови. Станува збор за краток филм кој самиот по себе е многу интензивен како содржина и форма и тоа е едно искуство за кое е потребна и концентрација и силен карактер и расположение да се остане присебен, а во исто време и да се задржи чист ум и да се избери селекција погодна за фестивалот.

Навистина голема бројка, се работи за филмови од целиот свет и од различни жанрови?

Ѓорѓиески: Точно така, повикот е отворен за целиот свет и од целиот свет се пријавуваат филмови. Ние водиме и статистика, буквално има и од некои земји кои за нас се скоро непознати, даваме шанса на сите можни продукции во светот.

Дали за 9 години полека овој фестивал го препознаваат кинематографите, авторите, па и оваа бројка се должи на тоа да сакаат да бидат дел од овој фестивал?

Ѓорѓиески: На наше задоволство мислам дека да, ова издание како 9то веќе има сигнали на сериозен интерес и прашања како од локалното население во градов, така и од веќе наши контакти и пријатели од полето на филмот, значи прашуваат како е оваа година, до каде сме итн.

Освен прикажувањето на филмот, фестивалот последните години поддржува и музички дел.

Ѓорѓиески: Точно така, од самото основање, од почетокот на вестивалот музиката не е изоставена. Еволуираше бројот на концерти, форматот кога и како, годинава како во последните неколку години имаме 2 музички настани, 2 концерти, на отворањето и на затворањето на фестивалот. На отворањето на фестивалот ќе имаме еден акустичен квартет, кој по подолго време се реактивира со нов материјал, станува збор за групата Калевала, една исклучително квалитетна група, создадена од зрели и талентирани музичари кои го застапуваат оној World music жанр, но со примеси на секакви разни стилови. Тоа е во четврток на отворањето, а на затворањето ќе имаме можност за прв пат во Прилеп да видиме еден многу енергичен, алтернативен рок состав од Скопје, бендот Занаду со кој ќе го затвориме фестивалот.

За крај, целта на целиот фестивал е да се запознае тука публиката со она што во смисла на филм се случува на светската сцена. Колку успевате во таа ваша мисија, еве 9та година, идната година ќе правите јубилеј?

Ѓорѓиески: Точно така, една од многуте цели е и да се донесе она што ние сметаме дека е квалитетно и актуелно во полето на филмот на нашата публика. Мислам дека успеваме во тоа, дека регрутиравме една солидна критична маса која не следи, која не само што не следи туку има и некаков критички став за филмовите, така да ние сме задоволни и се надевам дека ова 9 издание и после и 10-тото издание што следи ќе биде една круна на нашиот еволутивен пат со овој фестивал.

Како што кажавме 6, 7, 8 февруари, каде може гледачите и сите заинтересирани да ги најдат и да ги купат картите кои оваа година имаат и една стилизирана форма, не се обични хартиени карти, туку ќе им останат како еден спомен од присуството тука.

Ѓорѓиески: Точно така, тој детал што го потенциравте за нас е многу битен, односно самиот тикет, самата влезница претставува фрагмент од уметнички дела од една многу квалитетна наша локална, прилепска уметница која живее и работи во Кина, Александра Ацеска. Нејзините дизајни се практично картите за оваа година. Картите започнаа со продажба денес и можат да се најдат секој ден во кафе галерија Лувр секој ден од 10 до 13 часот, или може слободно да се резервираат на Фејсбук или на приложениот телефонски број.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи