Пратениците не се откажаа од енормните суми за патни трошоци – одбиен Законот на Левица

Facebook
Twitter
Email
Print

Предлогот на Левица за намалување на патните трошоци на пратениците денеска не го помина ниту првиот филтер во Собранието, откако владејачкото мнозинство не даде поддршка точката да биде ставена на дневен ред на седницата.

Иако во собраниската сала имаше 100 присутни пратеници, „за“ гласаа 23 пратеници од Левица и од СДСМ, еден пратеник од ДУИ беше „против“, а немаше „воздржани“, со што предлогот не беше усвоен.

Предлогот на Левица беше патните трошоци на пратениците да се пресметуваат според пазарната цена на 6,5 литри гориво на секои изминати 100 километри, место како досега по 20 проценти од малопродажната цена на горивото по километар. Од партијата велат дека нивниот предлог е „далеку пореално и рационално решение и ќе стави крај на астрономските суми кои пратениците ги земаат од државниот буџет“. Додаваат дека им одговара и целосно укинување на патните трошоци за пратениците, но за да биде прифатливо за мнозинството, го предложиле законот во оваа форма.

„Нудиме насушно потребно ограничување на патните трошоци. Јавноста веќе долго го артикулира овој проблем и директно влијае врз достоинството на Собранието, пратениците и политичкиот систем. Како анти-естаблишмент партија, ние пробуваме да го вратиме она што народот некогаш го имаше – политичка моќ. Овие кои денес ја владеат државата ВМРО-ДПМНЕ, токму нивниот министер или фридманист – Трајко Славески ги укина патните трошоци за работниците”, истакна Амар Мециновиќ, пратеник и портпарол на Левица, по однос на Предлог-законот за ограничување на патните трошоци, предложен од пратеничката група на Левица.

Историско-компаративната анализа за просечните исплатени патни трошоци за пратеник направена за регионот на Југоисточна Европа и Западен Балкан во периодот 2010–2016, говори дека македонски пратеник просечно земал вкупна сума од околу 40.000 евра патни трошоци. Оваа сума, како што се посочува во предлог-законот е за 4.000 евра повисока од сумата која му е исплатена на пратеник во Словенија, 21.000 евра повисока од сумата која му е исплатена на пратеник во Бугарија, 28.000 евра повисока од сумата исплатена на пратеник во Хрватска и 34.000 евра повисока од сумата исплатена на пратеник во Косово.

Според пресметките на Левица, во периодот од 2010 до 2024 година, само за патни трошоци, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ земале 3.700.000 евра, а пратениците на СДСМ 2.000.000 евра.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи