И во 21 век жителите од долненското село Рилево мака мачат да ги добијат основните услови за живот. Само 4 км. ги делат од цивилизацијата која за нив изгледа толку далеку. Единствениот пат кој ова населено место го поврзува со соседното село Ропотово не е асфалтиран и е крајно уништен. За да се поминат овие 4 км. потребни се скоро 20-тина минути. Општината ги лажи со децении дека ќе го изгради патот, ниту пак аплицирала со овој проект за парите кои ги дава Владата за овие проекти, ниту лани ниту годинава. Жителите се оставени сами на себе. Единствената шанса ја гледаат директно патот да го изгради централната власт.

„Политичари, почитувани водачи, почитувани одговорни државни институции, не бараме луксуз во ова наше село, ние бараме основна цивилизациска придобивка. Комуникација со цивилизација, бараме пат, кој што пат е планирано да се прави преед 25 години, а до денес не е направен. Основното нешто кое што треба да го има секој жител на оваа држава, пристап до цивилизација, пристап до државни институции, здравствени институции итн…“, вели Злате Ѓорѓиоски, претседател на месна заедница во с. Рилево.
Поради лошиот пат такси возилата им барале по 1.500 денари за 20 км. до Прилеп, Итната помош се случувало и да не дојде, а проблеми имала и противпожарната служба.
„Итната помош прво прашувата колку години има пациентот, што е како е, па за да дојдат, ако не дојдат ние со наши возила се снаоѓаме го носиме болниот, често пати се слулува да дојдат тие до Ропотово или некаде на пола пат до Прилеп па да му го предадеме пациентот. Противпожарната служба не можеше да дојде лани ќе изгоревме цело село поради патот од 4 км. Има и многу други села со помалку жители од нашето па имаат и асфалт и верски објнекти и се. Не сакам сега да ги споменувам со име селата, сите села треба да се убави и да се градат и да се врати животот тука, но на овој начин без пат тоа не е е можно“, истакна Благоја Димески, жител на село Рилево.
Моментално селото има 50-тина преостанати жители, а во летните месеци бројот на жители се искачува и до 100. Мештаните велат дека со изградба на асфалтен пат бројот на жители и бројот на повратници, особено на постарите жители од Скопје со сигурност ќе се зголемел.