Во земјава за седум години има 17.000 ученици и 7.000 студенти помалку, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, притоа додавајќи дека Владата прави сериозни чекори да влијае на овој негативен тренд на иселување.
„Дел од оние кои најмногу сакаат да се стекнат со знаење се придвижија кон странски држави каде што сметаат дека ќе добијат поквалитетно знаење. Се трудиме да го унапредиме квалитетот на образованието, кое во минатото често беше причина за младите да си заминуваат во други земји барајќи подобри образовни можности. Ќе направиме крупни промени, но потребна е посилна соработка со сите чинители, а особено со универзитетите и бизнис заедницата, за да го стопираме процесот на миграција“, рече Јаневска при посетата на Економскиот факултет во Скопје.

Како што кажа министерката Министерството во моментов спроведува истражување во кое се вклучени сите државни универзитети и генерацијата дипломирани студенти во академската 2022/2023 година, за да се види каков е степенот на вработливоста, односно дали овие студенти веќе се вработиле и за колку време по дипломирањето, дали стекнатите знаења и вештини им се применливи на работното место, дали се задоволни од приходите од работата и слично.
Истражувањето треба да покаже дали се потребни нови студиски програми, дали е добро да се воведат интердисциплинарни студии, повеќе практична настава на одредени факултети, редефинирање на квотите.
Јаневска најави и дека во процес на подготовка е нов Закон за високо образование, кој ќе биде добра основа за високото образование.