Деца, семејство, домаќинка, чистење, перење, готвење и одење на нива. Ова се првите стереотипни синоними кои асоцираат на тоа кога ќе се спомене рурална жена или жена која живее на село. Образование, лично надоградување и следење на соништата како да не треба да постојат за овие жени. Но за среќа овој менталитет кај нас започнува да се менува.

Жените од руралните средини се повеќе докажуваат дека во исто време може да се носат рамо до рамо со урбаните жени, но и со мажите. Од една страна успешно да работат земјоделски работи, да се грижат за семејствата, но во исто време да го следат и својот сон.
Гордана Цветаноска е еден успешен пример за тоа. Живее на село, работи земјоделие, има сопствен бренд на производи, но од друга страна е и новинар кој со својата работа влијае врз развојот на локалната заедница во градот. Вистински пример за една локална хероина и лидерка.
„Јас тука учев во основното училиште Страшо Пинѓур, потоа гимназија и практично поголемиот дел од животот сум тука во Мало Коњари и никогаш сум немала желба да живеам во град. Можеби е тоа една нераскинлива врска со природата, можеби е до воспитувањето затоа што сепак ќе кажам зависи и од домашното воспитување да си го сакаш родното место, да си го сакаш местото каде си израснал и да си ја сакаш природата, бидејќи таа е клучот на животот. Животот в село е посуров, но ако некој има амбиција, ако има некаква цел може да ја оствари, апсолутно не станува збор дека ќе има повеќе пречки отколку останатите, се зависи од амбициите кои човек ги има“, вели Гордана Цветаноска, новинар и жена земјоделец.
Цветаноска вели дека се уште постојат поделби на машко – женски работи, но во селото тоа е повеќе надминато од градот затоа што на село секој треба се да работи за опстои семејството.
„Искрено да ви кажам мислам дека по селата нема толку стереотипи како што има во градот, бидејќи во селото ако сакаш да опстаниш мораш да си ги поделиш обврските, и жената да биде понекогаш вклучена во машките работи, кога станува збор за работа во поле, на нива, и обратно, мажот треба да и помогне на жената кога станува збор за домашните работи и тоа верувам дека апсолутно тука никогаш не станува збор дека мора да бидат така поделени, ти маж мораш да и помагаш или и помагаш на жената“, додаде Цветаноска.
„Бавчика“ е името на нејзиниот земјоделски бренд кој што го пласира низ цела Македонија, ајвари, пинџури, доматен сос, разни слатка…
„Ова се дел од производите на бавчика, дел од асортиманот, оваа година како продолжувате, планирате да се проширувате, планирате нови производи?
Најверојатно ќе има пак некои нови производи, нема да биде поголема земјоделска површина опфатена затоа што сметаме дека е многу поважно да се заштити пред се од сончевото зрачење и можните појави на град, па планираме тоа да бидат 3 оранжерии кои ќе бидат заштитени со зелена мрежа, која ќе го заштити производството“, вели Цветаноска.
Новинарството е моќна професија која го претставува гласот на народот, но исто така и се влијаје врз општествените текови за создавање на подобро општество за сите нас.
„Најчесто тука се наоѓаат гостите кои ти ги прашуваш, сега еве можеби јас во твоето радио ќе бидам како водител и ќе те прашувам тебе. Од нивата стигнавме на второто работно место, а тоа е Радио Пела, каде ти го оствари твојот втор сон да кажеме. Како е да се биде, да ја имаш моќта да го пренесуваш практично гласот на народот?
Сон на секој новинар е да има свој медиум, заради тоа што на таков начин ќе дојде до израз таа слобода на изразување која во основа ние новинарите ја имаме во себе и на таков начин немате надредени кои ќе ви кажат ова не може да оди во етер, ова не може да оди во етер и практично сте слободни како птици. Тоа беше и сонот за отворањето на ова радио, на овој медиум. Сонот е нешто кој секој човек го има, битно е да се има храброст, да се има доверба во себе и цврсто да се чекори по патот кој што сте го зацртале можеби како мало дете, како мало девојче, но никогаш да не се напушта, дури ни во услови кога имате милион пречки пред вас“, истакна Цветаноска.
И Магдалена Трајкоска, се уште живее на село, но го остварува секој дел од нејзиниот сон. Работи напорно земјоделие, но од друга страна е наставничка по информатика и во рурална средина, а предава и во урбана средина. Завршила факултет за информатички и комуникациски студии во Битола, а во моментов го подготвува магистерскиот труд на истиот факултет, а потоа има желба и да докторира.
„Не треба да се дели ни машката ни женската работа, не треба да постои стереотипот дека мажот не смее дома ништо да фати од домашните обврски на жената и обратно, жената не смее да фати машки обврски. Стереотипот дека жената треба да седи дома да ги чува децата, дека не треба да ги извршува своите работни обврски, дека не треба да оди на работа, дека таа треба да биде само домаќинка мислам дека во ова модерно време на живеење сега се откоренува. Тоа е ќе речам старомодно, каде постарите, ќе ја спомнам мојата баба ќе речеше ти не треба да работиш, вас сопругот треба да ве гледа. А зошто сум се образовала, зошто сум вложила труд во самата себе, значи сакам да постигнам некоја цел и имам зацртано дека треба да постигнам некоја цел. Јас сметам дека во ова модерно време се искоренува тој стереотип“, потеницираше Магдалена Трајкоска, наставник по информатика и жена земјоделец.
Сепак признава дека и општеството треба да работи повеќе на создавање на подобри услови за развој и надоградување на руралната жена во средината каде што живее, затоа што за жал кај нас има огромни разлики во квалитетот на живот на село и во град и можностите кои ги има.
„Жените кои живеат во рурална средина имаат ограничен пристап до некои задоволства кои можат да си ги пружат, отколку жената во град. Имаат негативности како од социјален, културен аспект, така и од други аспекти кога станува збор за жена која живее во рурална средина, а во урбана средина се ти е достапно, се ти е блиску. Ако живееш во рурална средина ако не возиш мораш да има превоз, да чекаш автобус и други средини кои се подалеку од урбаните средини ги немаат тие услови, немаат мрежа, немаат интернет, немаат достапност до образовни институции, да имаат потреба за било каква помош не можат да стигнат да си ја остварат целта таа која сакаат да ја извршат работата“, додаде Трајкоска.
И таа како и Цветаноска со силна порака до руралните жени.
„Кога се сака, се се можи и порака до сите жени кои живеат во рурална средина, главата горе, само храбро, јака самодоверба во самите себе, поставена цел, божја помош и се се постигнува, кога се сака се се може“, рече Трајкоска.
Катерина Арсова пак потекнува од рурална средина, но долго време не живее таму. Завршила факултет за наставници на Унуверзитетот во Битола, ам моментално работи како медицинска сестра во специјалистичка ординација по ортодонција а од пред 5 години е и директор во руската компанија Тианде. Таа смета дека стереотипите веќе се надминати и дека сега сите имаат еднакви шанси за образование и напредок доколку го сакаат тоа и имаат поддршка од семејството.
„Додека јас растев во моето село навистина не беше ниту времето, ниту можностите како денес, но јас потекнувам од една фамилија каде и моите баба и дедо своите деца го образувале едно дете во Битола, две деца во Прилеп и едно дете во Велес, така да јас воопшто немав проблем ниту во сфаќањата на моето семејство дека треба да се образовам и дека треба да ги ширам хоризонтите. Мислам дека не е пречка она од каде си, туку што сакаш да бидеш, секако со поддршка на фамилијата, денес сите родители ги поддржуваат своите деца да се образоваат, така ги воспитуваат и навистина не е проблем никаков денес да се образоваш и да стекнеш образование такво какво што посакуваш“, истакна Катерина Арсова, медицинска сестра и дипломиран одделенски наставник.
И таа со порака, руралната жена да не се откажува никогаш и за ништо и секогаш да ги следи своите соништа.
„Мислам дека жените во руралните средини воопшто не се чекор назад према другите градски средини, туку се чекор напред, затоа што во руралната средина кога си дете се учиш на дисциплина и на работа и тоа многу помага понатаму во животот. Децата кои растат во рурални средини се дисциплинирани, знаат како секој ден треба да работиш, од многу мали нозе тоа го учат и мислам дека се чекор напред, затоа што потоа секоја работа ја работат навистина добро. Треба да се образоваат, тоа е многу битно, треба да стекнат образование кое го сакаат и секако да си ја бараат шансата во светот“, додаде Арсова.
Овие 3 локални хероини лично со својот избор на образование, работа и живот, сведочат дека не е важно од каде потекнуваш, туку колку сакаш да успееш. Пречки има во секоја средина, но секогаш се надминуваат со упорност, голема желба за успех и поддршка од најблиската околина.