ВИДЕО – Марковите Кули – заборавениот туристички бисер на Македонија, во кој не се вложува ништо со децении

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми


Наместо препознатлив туристички бренд кој со својата историја, велелепност и мистика ќе привлекува илјадници туристи годишно од целиот свет Марковите Кули кај Прилеп за жал се повеќе стануваат само една подзаборавена приказна од минатото. Нема кој нема слушнато во Македонија за нив, но ретко кој го има посетено, а на прсти се бројат и странските групи на туристи кои доаѓаат тука.

А оние кои ќе дојдат тука се среќаваат со комплетно туристички неуредеден простор. Без патеки, без патокази, без едукативни табли, без урбана опрема, без корпи за отпадоци, нема инфо центар или место каде може да се купи барем некој скромен сувенир, нема место каде може да се купи ниту едно шише вода или да се напиеш барем едно кафе. Практично нема ништо освен тоа што е го оставила природата или се направило во поранешна Југославија.

Марковите кули се под надлежност на Институтот за старословенска култура во Прилеп кој со посеопфатни истражувања започнува во почетокот на 80-тите, а конзервацијата на тврдините и денешниот изглед се добива кон крајот на 80-тите. Од каде велат дека посеопфатна стратегија за туризам тие сами не можат да направат, нивна приоритет е научната дејност.

„Локалитетот Маркови Кули моментално е заштитен како споменик на природата и во рамките на овие споменици на природата важат законски одредби кои се во насока на заштитување на ова природно наследство. Се разбира дека има можности и решенија кои би соодветствувале со тоа да не се наруши природната средина со користење на соодветни материјали и постапки кои што би овозможиле едно оспособување на тврдината да се доведе до една позиција да се користи од аспект на туристички посети“, изјави Александар Василески, директор на Институт за старо словенска култура.

 

„Ние како Институција можеме да кажеме дека се она што е во наш домен дури повеќе од нашите овластувања ние го имаме направено. Останува на Министерството за култура, локалната самоуправа, месно надлежниот завод и музеј да направат напори да ги реализираат своите обврски да го постигнеме сите она што е интенција, бидејќи тоа би било сериозен исчекор и во промоцијата и презентацијата на културните содржини поврзани со Прилеп, но мислам дека ќе биде и принципиелен исчекор во стручно научните истражувања на овој простор“, додаде Д-р Бранислав Ристески, научен советник археолог.

За изградба пак на музеј или некоја поставка таму со артефактите пронајдени тука кои ќе ја раскажувата целата приказна од времето на античка Керамија, преку Кралот Марко, па се до денес, тоа не можеме ниту да го помислиме засега.

Дали има можност таму горе да се изгради некоја поставка, некој музеј со сите артефакти пронајдени таму?

 Самиот режим на заштита на на локалитетот Маркови Кули, подлежи на 2 законски регулативи. Едната е Законот за заштита на природното наследство и Законот за заштита на културно наследство. Така што во согласност со тие регулативи кои ги има во овие 2 законски акти би можело да се преземат оние активности кои не би биле на штета на ниту еден од двата аспекти на споменикот и како културно и како природно наследство“, рече директорот Василески.

Ваков микс на историја, тврдини, други разни фортификации во комбинација со уникатните цркви и манастири во населбата Варош, која се наоѓа под Марковите Кули, карпи кои по своите форми се единстсвени во светот, можеби нема никаде на друго место. И наместо оваа приказна да му ја продадеме на светот ние тоа како да го закопуваме се подлабоко. Дури веќе доаѓа и до уништување на веќе направената конзервација на тврдините.

„Час поскоро е ова прашање да се отвори од овој аспект, а првата точка е процесот на ревалоризација и изработка на проекти за конзервација и заштита од најзагрозените точки на горниот град или акрополата кои евидентно секојдневно се руинираат.

 Постои можност од опасност на паѓање на дел од тврдините?

 Веќе делови од Кулите, особено оние најизложените точки на фортификацијата веќе се во сериозен процес на девастација и тоа е видливо со голо око. И доколку продолжи тој процес постои сериозна можност овие објекти кои се од исклучително значење да бидат за навек уништени“, истакна археологот Ристески.

И туристичките работници кај нас велат дека скоро и да нема промоција на Марквите Кули.

„Треба вложување на средства, правење на патеки, прво еден достапен пат, потоа добро обележување, ако треба и со калдрма или асфалт нека биди, со некои проспекти, со сувенирници да има во Варош особено каде може доста да се развие ова и да се направат такви објекти. Но треба да се направи промоција и да се среди нештото. И малку да се направи поголема презентација, сега е барем лесно тоа да го направи Општината“, изјави Бранко Карески, туристички работник.

Дури даваат и прмери како одредени туристички локалитети се развивале низ годините во некои држави, а кај нас како да заастанало времето.

„Да се направи треба приказна и да се вложи. Еве ќе ви кажам слободно во 2008 година кога ја направивме првата тура за Замокот на Дракула во Романија тогаш тој беше доста запоставен, сега да појдите да видите ќе забележите колку е напред појјден тој регион со изградна на хотели, ресторани, сувенирници и се што е потребно. И тоа е сето приказна, Дракула има приказнаи Крали Марко има приказна. Исто така некако како гранката туризам кај нас како да е ставена на маргините. Еве на пример земете на Србија нема море, а колку е развиен туризмот. Значи не е потребно само море за туризам, ние имаме и други објекти и убавини“, додаде Карески.

Локалитетот е ставен на привремената листа на заштита на УНЕСКО, а се прават огромни напори после Охрид тој да биде вториот регион во нашата држава кој ќе се најде на постојаната листа за заштита на оваа меѓународна организација. Но државата пак е кочница. Имено Министерството за животна средина со години не се согласува културните содржини да бидат внесени во овој план за управување, нешто за што се против и врвните меѓународни експерти.

Секако треба да бидат максимално испочитувани строгите национални и европски прописи за заштита на природното и културното наследство. Мислам дека тоа нема да биде толкав проблем ако зад тоа застане покрај државата финансиски туку и самото УНЕСКО во финкција на промоција, прзентација и туристичка експлоатација“, истакна Ристески.

 

„Апликацијата за постојаната листа на УНЕСКО во моментов е во фаза на мирување и се уште локалитетот е на привремената листа на заштита на УНЕСКО и е заштитен како природно наследство. И ние како Институција се разбира би сакаале бидејќи главната дејност на нашиот Институт е во проучување на културното наследство би сакале да добие статус на едно мешовито добро бидејќи сметаме дека на тој начин би биле истакнати сите аспекти на локалитетот, како што напоменав не е тој само природно туку и културно наследство.

Каде е пречката што се случува?

Моментално пречката е тоа што треба да се направат едни поинакви анализи и сето тоа да добие една поинаква форма. Бидејќи сега во оваа форма е заштитен само како природно наследство, треба дополнителни анализи да се прошири сето тоа“, додаде Василески.

 

Од Министерството за култура само кратко одговорија дека се работело на формирање на Работна група од сите засегнати чинители за отпочнување на процесот за соодветна презентација и промоција на Маркови Кули во Прилеп. И дека е стапено во контакт со сите соодветни институции за забрзување на процесот и остварување на конечната цел – ставање на културното добро Маркови Кули на Листата на УНЕСКО. Но кога сето ова ќе се реализира ќе покаже иднината.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми