„Велигденски Кули“ – најуникатниот обичај во Македонија, па можеби и пошироко за одбележување на најголемиот христијански празник Велигден и тоа неговиот втор ден од прославувањето. Оваа раритетна манифестација се случува во единствено во Македоски Брод и на ниту едно друго место. Секој чин од неа си има своја симболика, што го означува минатото, историјата, културата и традицијата на народот од овој крај.
„Чувството за Велигден кај секој еден верник е преубаво, се трудиме да задржиме традиција, благодарност на сите кои присуствуваа и зедоа учество“, истакна Горан Трајаноски, учесник на манифестацијата „Велигденски Кули“.

Но пред да се случи овој настан и пред подетално да го објасниме и прикажеме, прво ќе ги погледнеме и другите случувања кои ги има тука за вториот ден на Велигден, каде шлагот на тортата се токму овие Кули. Одбележувањето на Велигден започнува со изложба на јајца во Домот за култура, вапасани од децата од училиштата и градинката од овој град.
„Годинава 18 пат по ред се организира манифестацијата Велигденски кули, која е поддржана и финансирана од Министерството за култура и туризам. Оваа година конкретно почнува со изложбата која ја спремаат учениците од основното училиште, од гимназијата и од градинката во Македонски Брод. Сите деца прават изработки и ги носат во Домот на културата од кои формираме изложба која ја отвораме на Велики четврток и таа ни претставува почеток на велигденските празнувања. На таа изложба ние избираме најдобри и учениците кои се одбрани се соодветно наградени. Потоа манифестацијата ни продолжува вториот ден на Велигден, во понеделник, кога тука се собираат културно уметнички друштва од државата и правиме велигденски концерт. По концертот формираме дефиле и се упатуваме кон црквата каде традиционално секоја година се изведуваат Велигденските кули од луѓе“, изјави Даница Ацкоска, в.д. директор на Дом за култура Македонско Брод.
„Се изработуваат овие дела според сопствена желба на учениците и според нивните индивидуални способности, во најразлични техники. Употребуваат разни материјали за изработка на делата, почнувајќи од молив, боја, се употребува и хартија и разни други материјали за украсување. Учениците ги изработуваат овие дела околу 2 недели и учествуваат од прво до деветто одделение, а учествуваат и учениците од средното училиште „Свети Наум Охридски“ од Македонски Брод“, рече Жарко Блажески, наставник по ликовна уметност.
Прославата на вториот ден Велигден продолжува потоа во големата сала од Домот со културно уметнички програма на повеќе друштва од различни краеви на Македонија.
„По кој пат учествувате на оваа манифестација Велигденски кули во Македонски Брод и што значат ваквите манифестации за продолжување на нашиот етнос, фолклор, традиција, култура и историја?
Нашето друштво гостува секоја година традиционално и можам да кажам дека од година во година е поубаво, поорганизирано и има повеќе народ.
Што претставуваат ваквите манифестации, особено за младите и тоа да се продолжи народната песна, игра, ора?
Всушност тоа е и нашата поента на постоењето на ваквите културно уметнички друштва и манифестации, да се всади љубов кај младите, да се зачуваат традициите кои ни ги оставиле нашите предци.
Колку младите денес ги негуваат тие традиции?
Па можам да кажам дека сега, еве за нас во Гостивар, доста поголем број на членови имаме и мислам дека не само кај нас, туку и цела Македонија активно работи да си ги зачуваме традициите, што не било случај пред 10 или 20 години“, изјави Христијан Гаврилоски, ГАКУД „Браќа Ѓиноски“ – Гостивар.
„По кој пат учествувате на оваа манифестација, која еве 18 традиционален пат се одржува во Македонски Брод и е навистина уникатна во цела Македонија, за тоа како се прават тие Велигденски кули од луѓе?
Па ние како КУД „Брвеница“од Брвеница настапуваме 15 – 16 години, присутни сме на овие простори.
Значи редовни учесници?
Редовни учесници.
Колку се битни и значајни овие настани за одржување на македонскиот традиционален фолклор, култура, традиција?
Па ние на овие манифестации доаѓаме 15-16 пат, бидејќи потекнуваме од овие простори, од Поречието и многу сме блиски со ова друштво, ги посетуваме и се дружиме, доаѓаат и тие кај нас, значи сме на ниво, работиме доволно.
Младите го продолжуваат ли ова?
Да да, посебно ние имаме многу млади до 18-19 години, значи од 6 до 18-19 години, има околу 80 млади деца што редовно се по настапи, цела година ги одржуваме овие настани, доаѓаме и на други манифестации како Костенијадата, значи со Македонски Брод сме многу блиски“, додаде Александар Веселиноски, КУД „Брвеница“ – Брвеница.
„Нема некој што останува рамнодушен кога ќе се слушне грмотот на тапанот, особено на битолскиот тапан кој во текот на овие години навистина стана познат низ целата наша држава, особено вашите млади членови кои се вистинска атракција кога некој ќе ги виде на сцената?
Секцијата за тапани при ансамблот за фолклор „Гоце Делчев“ од Битола стана бренд не само во Македонија, туку и во целиот свет. Со школата работиме интензивно, 2 пати неделно одржуваме часови со сите тапанџии по групи и секогаш сме успешни. Настапуваме скоро на секоја манифестација во нашиот град, во Македонија скоро на сите фестивали, а и ширум светот. Денес сме тука со фолклорните секции од Добрушево и Мусинци, а исто така и со КУД „Новаци“ и „Стив Наумов“ од Логоварди. Широка лепеза, бидејќи фолклорот е еден и единствен и мора да го чуваме и негуваме“, кажа Бранко Жежовски, претседател на ансамблот за фоклор „Гоце Делчев“ од Битола.
„Што претставуваат за вас овие манифестации, колку младите се заинтересирани да ја продолжат нашата култура, историја, етнос, фолклор?
Па ние како млади пробуваме да ја зачуваме и да ја негуваме традицијата, нашето друштво брои околу 100тина членови и секоја година организираме концерти.
Како е чувството кога ќе ги презентирате нашите народни ора и песни пред публиката?
Супер, поготово кога публиката не гледа и сите аплаудираат на крајот и знаеме дека сме изиграле нешто убаво.
Колку твоите врсници сакаат да бидат членови на ваквите културно уметнички друштва, колку сакаат да ја продолжат традицијата?
Па најчесто членовите се помали дечиња, ги има нив во поголем број, но и моите врсници се заинтересирани.
Каде учествувате низ Македонија на вакви настани?
Последно бевме во Демир Хисар, одиме во Брвеница, Битола…
Што можеш да им порачаш на младите и ова што ти си дел од овој настан?
Па би им препорачала на младите да ја чуваат и негуваат традицијата, затоа што тоа е нели нешто значајно за сите држави“, рече Ивана Танеска, член на КУД 7 Септември – М. Брод.
Потоа со дефиле низ улиците на Македонски Брод учесници на овој настан се движат од Домот за култура до црквата „Успение на Пресвета Богородица“.
Пред да се изнесуваат Кулите се одржува уште еден традиционален уникатен обичај наречен „Каленчица“ кој исто така е единствен во Македонија. Членовите од КУД „8 Септември“ од овој град со марами прават величествен шпалир каде целото население што во моментот е во дворот на црквата за бериќет, здравје, среќа поминува под марамате, а учесниците за целото време ја пеат песната „Каленчица, кален број мален број“.
Потоа започнува подготовката за Велигденските Кули. Кулите имаат своја симболика и го претставуваат османлиското 5 вековно ропство. Според преданието славењето на Велигден со пари било откупен од султанот за да може жителите на Брод да го слават. Но извесен Асан бег кој бил надлежен за овој реон, сепак не им го дал првиот туку да го слават само вториот ден од Велигден. Кулите се симбол за македонскиот непокор. Долниот ред на луѓе во кулата ги претставуваат Османлиите, а горните Македонците.
„Црковниот обичај започнува во утринските часови кога правиме една литија тргнувајќи од црквата Света Богородица, одејќи околу градот Македонски Брод и на 4 одредени даба ние правиме крст кој го симболизира распетието Христово и во тој крст се отвора една дупка со сврдел каде што свештеникот става вино и леб кои го симболизираат телото и крвта Христови. Крстот се запечатува како што бил запечатен гробот од Христот, кој на третиот ден воскреснува. Како што дабот на пролет дава нов живот, така и Христос со воскресението дава нов живот“, рече Отец Саше Костоданиноски, архиерејски намесник на М. Брод.
„Вие колку години сте дел од овој настан?
Јас сум веќе 30-тина години сигурно, чувтсвото ќе го видите и самите какво е, нешто прекрасно, не знам како да го опишам.
Дали е тешко да се одржи кулата додека се движи?
Нормалено дека е тешко, но ако се сака нема проблем.
Колку време отприлика се движи?
Па 15-20 минути“, рече Драгиша Димоски, учесник на манифестацијата „Велигденски Кули“.
Кога ќе се формираат „Кулите“ тие се движат од црквата „Успение на Пресвета Богородица“ кон месноста „Средсело“ или центарот на поранешниот Македонски Брод, а за целото време додека се движат учесниците на тие „Кули“ пејат македонски песни.
„Секако дека ние како Општина не сакаме да правиме упади во самата манифестација, таа се одржува на тој традиционален начин како што се одржувала пред многу векови. Единствено ја поддржуваме, ја ставаме на нашата туристичка мапа, ја промовираме истата манифестација со цел да се привлечат голем број на туристи на овој ден во нашата општина и мислам дека до ден денес тоа успешно се прави, на овој втор ден Велигден Македонски Брод е преполн со туристи, не само иселеници од нашата општина, туку и надвор од неа, а имаме и посетители и од странство“, истакна Жарко Ристески, градоначалник на М. Брод.
Патот не е ниту малку лесен затоа што „Кулите“ се искачуваат по блага угорнина поголемиот дел од движењето, а не смее ниту еден да падне. Секоја година има различен број на „Кули“ во зависност од тоа колку има луѓе кои ќе се пријават да бидат дел од настанот. Најмногу се до 5 кули. Патот на „Кулите“ завршува кај местото „Средсело“
„Чувството е прекрасно да се биде дел од оваа традиција, тешко е, ама со верба во Бога се може да се постигне“, изјави Давид Дукадиноски, учесник на манифестацијата „Велигденски Кули“.
„Кажи ми дали младите како тебе, твоите врсници ја продолжуваат традицијата?
Да, традицијата треба да се продолжува секоја наредна година.
Од црквата тука до сред село колку време оди една кула?
Па 10-15 минути.
Додека се движите цело време пеете македонски народни песни?
Македонски народни песни, патриотски“, вели Симон Николоски, учесник на манифестацијата „Велигденски Кули“.
Кога сите „Кули“ ќе пристигнат на „Средсело“ се продолжува со чествување на празникот со традиционачни македонски песни и ора.