Денешниот 9-ти Мај, Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа, е ден кога со посебен пиетет се сеќаваме на херојската борба на нашите предци за слободна и независна Македонија. Со длабока почит се наведнуваме пред повеќе од 600 животи на прилепските борци кои го дадоа највредното во крвавата борба против фашистичкиот окупатор. Нивната саможртва е темел на нашата слобода и вечна инспирација за идните генерации, истакна Дејан Проданоски, пратеник во Собранието на Република Македонија.

„Денешниот ден нѐ потсетува исто така и на трагичниот настан од пред 81 година, кога, на улицата „Спасе Темелкоски“, бугарскиот фашистички окупатор на свиреп начин ги запали живи нашите херои, Кире Гаврилоски и Круме Волнароски. Со болка и длабоко сочувство се сеќаваме на нивната жртва, која е уште еден мрачен дел од нашата историја и потсетник на страдањата низ кои поминал македонскиот народ во борбата за слобода.
Нивната борба го трасираше патот кон Вториот Илинден, историското собрание на АСНОМ, кое под мудрото раководство на Методија Андонов Ченто го означи раѓањето на современата македонска држава. Тој ден го симболизира остварувањето на вековниот сон за слободна, обединета и самостојна Македонија.
Денес, на овој значаен ден, со болка и тага се сеќаваме и на Ненад Серафимовски, најмладиот припадник на специјалната антитерористичка единица „Тигри“, кој трагично го загуби животот на 9 мај 2015 година кај Диво Насеље во Куманово, бранејќи ја безбедноста и суверенитетот на нашата земја. Неговата жртва е уште еден доказ за храброста и посветеноста на македонските синови во борбата за мир и стабилност.
По повод овој ден, делегација од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп положи цвеќе на спомен плочата на Ненад Серафимовски, оддавајќи му заслужена почит за неговата храброст и самопожртвуваност. Вечна слава на сите херои кои ги положија своите животи за слободна и независна Македонија! Нека е вечен споменот на нив“, вели Проданоски.