Поголема мобилизација на социјалното и здравственото управување за да се изградат заедници каде секој има пристап до соодветна социјална и здравствена грижа. Ова беше целта на конференцијата која се одржа во Прилеп каде имаше претставници од Австрија, Албанија, Хрватска и Србија кои го споредуваа своите искуства. Преку Здружението Центар за развој и едукација во општините Прилеп, Долени и Кривогаштани досега се имплементираат 2 услуги „Помош и нега во домот“ и „Медицинска сестра во заедницата“ пилот проекти со кои значително се подобри ситуацијата на овој план кај социјално ранливите граѓани.

„Дополнително е обезбедена дополнителна поддршка со бесплатна физиотерапија во домот, бесполатен психолог во домот, бесплатен социјален работник во домот. Сите овие услуги треба да бидат интегрирани и поврзани помеѓу двата сектори, социјалниот и здравствениот, за да на овие лице во социјален ризик да им се даде сеопфатна грижа за да можат подостоинствено и поквалитетно да живеат“, изјави Марина Тошеска, Здружението Центар за развој и едукација Прилеп.
„Ова е за прв пат да се спојат социјалните и здравствените услуги во едно, ова е пилот, резултатите за овој краток период се предобри од она што го имаме на терен, од медицинските сестри. Социјалните услуги на локално ниво даваат одлични резултати и ние како општини, Прилеп, Долнени и Кривогаштани и ние како Меѓуопштински центар мислам дека сме еден од лидерите во државата“, додаде Зоран Малкоски, директор на Центар за социјална работа Прилеп.
Проектот кај нас се спроведува со помош и поддршка на Австриската влада.
„Фокусот е на семејства во ризик, сиромашни семејства, стари лица, лица со попречености, на нив да им обезбедиме поголема и подобра поддршка и помош во социјалниот дел“, рече Штефан Нидермосер, Австриско министерство за социјални работи.
Целта е во иднина овие проекти и многу повеќе социјални услуги да бидат финансирани и помогнати од самите држави каде се имплементираат.
„Демографски се соочуваме со истите проблеми, наталитетот ни опаѓа и на нас, општеството старее и кај нас и кај вас и дефинитивно треба да најдеме некое решение за истите проблеми“, кажа Алтина Пешкатари, социјален работник од Албанија.
Беше посочено и тоа дека потребна е далеку поголема соработка помеѓу надлежните институции кај нас за подобрување на социјаните и здравствени услуги.