
„Чиста куќа“ по текстот на Сара Рул е претстава што раскажува длабока човечка приказна за животот и смртта, преку пет различни, но меѓусебно испреплетени ликови. Зборуваме за непредвидливите пресврти во животот и начинот на кој се соочуваме со нив, за болката што е неизбежна, за големината на простувањето, но и за љубовта и губењето на истата. Претставата го истражува ширењето на емпатија и начинот на кој се справуваме со траумите од детството — во нашиот случај, преку вицови, како средство за преживување, бегство и поврзување.Секој лик носи во себе различна тежина, нерешени болки, кои ги гледаме преку односите на две сестри, двајца партнери или родители и деца. Во нашата приказна, вицовите стануваат филтер, еден вид „фасада“ и начин да се преживее она што не може да се издржи. Траумите од детството често се заматени, а спомените се искривени или недовршени, а родителите ги штитат децата од вистинската болна реалност. Ликовите не се обидуваат само да не насмеат, тие се обидуваат да преживеат, да ја пронајдат смислата во свет кој понекогаш е премногу болен за да се прифати таков каков што е.
Чистењето во оваа претстава не е само физичка активност, тоа е метафора. Додека домовите ни блескаат, внатре во нас често владее неред, несредени емоции, потиснати чувства, нерешени болки и осаменост. Куќата може да биде уредна и тивка, додека душата е немирна, полна со тишина што вришти. Чистењето овде станува чин на грижа, на бегство, на обид за враќање контрола, но и чин на љубов, особено кога се прави за некој друг.
Претставата се движи на границата меѓу реалноста и имагинацијата, користејќи елементи на магичен реализам за да ги прикаже емотивните состојби на ликовите, каде вицовите можат да лекуваат и убиваат, а љубовта може да живее и по смртта. Сара Рул, со својот препознатлив поетичен стил ја претвора секојдневната болка во нешто магично, духовито и лековито.
„Чиста куќа“ не е само приказна за чистење простор, туку за чистење на внатрешниот емотивен хаос. Авторката нè потсетува дека не сме совршени, но и дека токму во таа несовршеност се крие нашата човечност. Во прилог на пораката ви ги доставуваме комплетните податоци за претставата со фотографии..
Автор: Сара Рул
Режисер: Тамара Стојаноска
Превeдувач: Тамара Стојаноска
Драматургија: Лидија Митоска-Ѓорѓиевска
Сценографија, дизајн на плакат и рекламен материјал: Филип Коруновски
Музички соработник на режисерката: Ана Митоска
Избор на костими: Тамара Стојаноска во консултација со актерската екипа
Продукција: НУЦК „Марко Цепенков“ Нaроден Театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп
Фотографија и видео: Fun Production
Актерска екипа:
ЛЕЈН – Даниела Иваноска
МАТИЛДА – Наташа Ачански
ВИРЏИНИЈА – Катерина Чакмакоска-Клинческа
АНА – Јасмина Мицовска Станкоска
ЧАРЛС – Димитар Ѓорѓиевски
Техничка екипа:
Инспициент: Елена Иваноска
Тон-мајстор: Томе Темелкоски
Светло: Ристе Гркоски
Шеф на сцена: Сашо Смоквоски
Реквизитер: Гоце Наумоски
Сликар исполнител: Пеце Ристески
Гардеробер: Снежана Ѓорѓиоска
Фризер-перикер: Даринка Богоеска
Декоратери: Роберт Стојкоски, Владимир Владимировски, Јане Јанкулоски
Раководител: Михајло Миленкоски
Директор: Марија Попова Јованоска