Црквата Свети Никола во центарот на Крушево е изградена некаде во втората половина од 18 век и тогаш таа не била од тврда градба. Нема точни историски записи како е изградена црквата, но за нејзиното градење има две преданија. Според првото, црквата ја гради населението од селото Стари Дол кое се наоѓало кај манастирот Свети Спас, а кое сега не постои бидејќи било запалено од Османлиите.

Тоа население се преселува во Крушево и ја гради црквата, а тука ја носат и престолната икона на Свети Никола од црквата од нивното запалено село. Според таа икона е добиено и името и патронот на новата црква во Крушево, Свети Никола.
Според второто предание црквата ја градат жителите на Москополе кои во тоа време исто така се населуваат во Крушево. Според тие податоци црквата го добила името според името на црквата во село Николица, кај Москополе.
Како објект од тврда градба е изграден во 1832 година и таа црква имала сосема различна форма од денешната и била со многу поголеми димензии. Највредното ремек дело во таа црква бил големиот иконостас кој го изработил познатиот македонски копаничар Петре Филипоски Гарката..Иконостасот го правел цели 20 години заедно со неговиот зет Димитар Станишев.
Според историските записи токму оваа црква е местото од каде е објавен почетокот на Илинденското востание. Непосредно пред Востанието, неколку востаници се качуваат горе во камбанаријата и вечерта со биење на камбаните го објавуваат Востанието.
Но за жал целото непроценливо богатство кое го поседувала црквата е срамнето до темел и целосно изгорено при нападот на Крушево. Едно од преданијата вели дека токму во оваа црква на целата чета предводена од војводата Питу Гули уште додека биле живи, пред да започне битката на Мечкин Камен, им било испеано опело или црковна служба за упокоени, затоа што знаеле дека нема да се вратат живи.
Црквата е возобновена во периодот 1905-1907 година и ја добива денешната форма и изглед. Денес во црковната камбанарија е сместен и стариот градски часовник. До камбанаријата се стигнува по тесни метални скали. А самиот часовник пак е поврзан со големото звоно.
Токму поради целата оваа историја, приказните, легендите, нејзиниот раскош и убавина, но и поради моштите кои таму се чуваат како оние на Свети Климент и други христијански светители црквата е еден од најпосетуваните објекти во Крушево.