Поради дефект на хидросистемот во Прилеп кој трае скоро месец и половина голем дел од прилепското поле на овие големи горештини е се уште без капка вода. Тутунопроизводителите револтирано велат дека срамота е месец и половина да не може да се поправи една пукната цевка. Се жалат дека родот ќе биде екстремно намален поради оваа состојба, а не некои места расадот бил и целосно исушен.
„Вода нема во моментот, а температурите се високи, се суши тутунот, а ние од тој тутун живееме. Ние не чекаме плата дали месецов ќе дојди, дали пуштиле или не пуштиле плата, ние од тој тутун чекаме. Бавчи имаме за да не купуваме пипер и патлиџан од Прилеп, со буриња вода носиме од изворите, за да си произведиме за нас, не за продавање. Ние порано во селата од реката, од вировите носевме, но немаше ни наплата, ништо. Сега ако не платиш за хидро системот субвенции нема да ти дадат, а вода не користиш, на што личи тоа. 21 век не можат да ја поправат, ако треба цел ден и цела ноќ ќе работаат и водата треба да биде пуштена. Цевка немало, луѓето ако треба којзнае од каде ќе земат цевка, на дребонг ќе направат, нека биде метална...“, рече Ѓорѓија Конески, тутунопроизводител од село Дуње.
„99% тутун ќе нема, а договори се склучија со комбинатот, ќе бараат килограми, а од каде, кој ќе ти даде тебе килограми, срамота е ова. Овде е нишај нозе, земај пари, платата им иде, не им е гајле за народот, нека умира. Ако продолжат вака ништо не бидува, ништо, ако годинава се насадиле 20 декари, в година ништо нема да се насади“, вели Стевам Илиески, тутунопроизводител од Прилеп
„ За расад дадов 500 евра, ене ги во Ново Лагово насадени се. Ако не верувате ќе појдите и ќе видите тутунот целиот се исуши, водата ја запреа баш во садењето на тутун. Тутунот да појдите да го снимате тука е 100% уништен, нема тутун, од ова тутун не бидува. Сега треба одново да се преора, одново расад да купувам, а расад сега кај ќе најдам, Вртулум дојде, тутунот е умрена работа“, кажа Тони Дејкоски, тутунопроизводител од Прилеп.
Од А.Д. Водостопанство велат дека проблемот бил тоа што овие цевки биле стари и тешко за нив се наоѓале делови. Неколку пати цевката била поправена за овој период, но кога ќе се пуштела да течи водата повторно се појавувал дефект. Се надеваат дека денес ќе се санира проблемот.
„Се мачиме, се трудиме, но тоа е 50 години старо и не може да се среди тоа, така лесно не се средува како што мислат сите. Од горе е многу лесно да гледаш, но долу да се симниш ќе видиш како е.
Што е проблемот со цевките?
Пукна цевката долу, дали од притисок, дали и дошло времето, азбестот е веќе 50 години стар. Но горе гумицата се извади и тоа е проблемот, сега ќе ја наместиме и готово“, изјави Блажо Ангелов, од Водостопанство Неготино.
Дали и кога ќе се санира проблемот останува да покаже времето, но едно е јасно дека вакви стиуации во иднина не смеат да се дозволат, затоа што незамисливо е поради една пукната цевка месец и половина цело поле да нема вода.