10 активни пожари на ниво на држава – најкритично во Македонски Брод

Центарот за управување со кризи информираше дека заклучно со 13 часот на 9 јули во државата се регистрирани вкупно 14 пожари на отворен простор, од кои 10 се сè уште активни, а 4 се изгаснати. Најмногу е зафатен реонот на Македонски Брод, каде се бележат дури три активни пожари.

Најкритично е во Општина Македонски Брод, каде во тек се три пожари. Помеѓу селата Црешнево, Локвица и Слатино гори деградирана дабова шума и грмушки, во селото Самоков гори лесно запалив материјал, додека пожарот во село Рамне, кој потекнува од фабриката Самоков, ја зафаќа ниската вегетација и сè уште е надвор од контрола.

Во Чашка, под Солунска Глава, се јавува чад во карпест дел меѓу изворите на Бабуна и Бабина Дупка, без активен пламен, но се смета за шумски пожар кој сè уште претставува закана.

Во општина Чучер Сандево, меѓу селата Блаце и Чучер, огнот се шири низ мешана шума и ниска вегетација. Слични сцени се забележани и во:

с. Николич, општина Дојран – нискостеблеста шума,

с. Крушевица и с. Крњево, општина Кавадарци – низок и запалив појас,

населбата Речани, Велес – сува трева,

депонија во Шуто Оризари – активен пожар на отворен простор,

Во меѓувреме, четири пожари се успешно изгаснати. Станува збор за:

село Лубанци во општина Бутел – изгорена ниска вегетација,

Општина Старо Нагоричане – изгорена нискостеблеста шума и сува трева,

Ново Село, Демир Хисар – опожарен помошен објект (плевна),

село Веселчани, Прилеп – сува трева.

Институциите апелираат до граѓаните да бидат внимателни и да не палат огнови на отворено, особено поради високите температури и зголемениот ризик од ширење на пламенот. Надлежните служби се постојано на терен, а дел од пожарите се следат и со воздушни сили.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира