Со подигнување на знамето на Крушевската Република од страна на свечената гарда на АРМ, интонирање на химната, читање на Крушевскиот манифест и положување на свежо цвеќе на бистата на војводата Веле Марков, гробот на Питу Гули, гробот на Тоше Проески, пред споменикот на партизанските гробишта и пред криптата на Илинденците започна свеченото одбележување на Научно културните средби „10 дена Крушевска Република“. Пред присутните гражани на Гумење во Крушево, се обрати градоначалникот Томе Христоски, министерот за култура Зоран Љутков, а беше присутна и претседателката на Македонија, Гордан Силјановска Давкова.

Градоначалникот на Крушево порача дека пред 122 година, токму тука се роди Крушевската Република – првата демократска искра на Балканот. Младите идеалисти со големи соништа и уште поголема храброст, обединети во различноста, без разлика на вера и народност, покажаа како изгледа вистинската слобода и солидарност.
„Тоа не беше само бунт – тоа беше визија. За еднаквост, за човечки правдини. За држава на сите – без разлика на вера, народност или јазик. Тоа е нашето наследство. Тоа е нашата обврска. Нашата порака е вечна: Слободата не се подарува – се освојува! И не се чува со зборови, туку со дела! Ние, Вашите вечни комшии, пријатели и познаници од убавото Крушево без разлика на вера, народност, пол и убедување, сме обединети. Денес, Македонците, Албанците, Турците, Власите, Ромите, Србите, Бошњаците заедно сме повеќе од кога било. Крушевската Република беше визија пред своето време – за еднаквост, слобода и заедништво. Денес, нашата мисија е да ја продолжиме таа визија – со храбри одлуки, со работа и со обединетост. Денес, ние не носиме пушки во рака, но ја носиме истата одговорност – да го чуваме достоинството, идентитетот и иднината на нашата земја. Ние се бориме против апатија, против поделби, против заборав. Се бориме за работа дома, за младост што останува, за култура што цветa, за економија што расте. Илинден не е само минато – тој е повик за иднината. Да бидеме храбри како илинденците, одлучни како тие што ја напишаа историјата со срце и револвер и кама, со љубов кон татковината и верба во иднината. Денес, нашата генерација има наша борба – за подобро образование, за достоинствен живот, за развој, за задржување на младите дома, тука, во нашето убаво Крушево“, потенцираше Христоски.
Христоски порача дека Илинден е светилник што нè води напред. Тоа е потсетник дека Македонија се сака со срце, но и со работа. Со страст, но и со визија. Тој порача да бидеме поколението што нема да зборува за Илинден само на 2 август – туку ќе го живее секој ден, со единство, со љубов, со одлучност.
„Илинден е повеќе од празник – тоа е наш идентитет, наш завет. Тоа е сведоштво дека мал град со големи луѓе може да создаде голема историја. Драги пријатели, Денес нека ни биде потсетник дека секоја генерација има свој Илинден. Нашиот е денес. Да бидеме генерацијата што ќе остави трага, што ќе изгради, што ќе создаде“, вели Христоски.
Минситерот за култура Зоран Љутков кој и официјално ги отвори Научно културните средби „10 дена Крушевска Република“, истакна дека На ова место, пред точно 122 години, се роди надежта. Се роди Републиката. Се роди сонот за праведна, демократска и народна македонска држава.
„Илинденското востание беше морална победа на потчинетиот над угнетувачот, на сонцето над мракот, на идејата над силата на империјата. Оттогаш историското Крушево не е само сентиментален симбол. Крушево е критериум. „Десетте дена“ Крушевска Република, беа десет вечности. Десет утра на надеж, десет здивови на храброст, десет отчукувања на срцето на еден народ што цврсто одлучил да му стави крај на молкот и засекогаш да ја победи темнината! Крушевската Република беше македонската химера на слободата и скапоцен сноп светлина во петвековниот мрак. И нејзиниот глас сѐ уште одекнува – низ песните, низ приказните, низ зурлите и тапаните, низ иконите, низ занаетчискиот чекан и низ насмевката на секое дете, кое штотуку заучува дека: „Македонија е сè што имаме“, истакна министерот за култура Зоран Љутков.
Љутков додаде дека манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ не е фолклор – туку дека таа е повторно прочитано писмо кон иднината, напишано со крвта на младите востаници, во кои сѐ уште татнат зборовите на Карев: „Јас верувам во мојот народ, во неговата борба, во неговата иднина.“
„Денес, под ова отворено небо над Крушево, повторно ќе се слушне нашиот глас. Не како ехо од вчера, туку како екот за утре. Овие десет дена од манифестацијата нека бидат денови што треба да нè сепнат, да нѐ натераат да ја мериме својата одговорност пред вечниот самопрегор на илинденците. Манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ е жива лекција. Таа е сцена и совест, празник и обврска. Да бидеме достоинствени и кога сме гневни кон неправдите. Да го прифаќаме новото, но никогаш да не го забораваме изворот“, додаде Љутков.
Во наредните 10 дена има подготвено богата програма која што ќе ги задоволи сите вкусови и на помладите и на повозрасните. Утре на главната свеченост која што ќе се одржи на Мечкин Камен пред присутни ќе обрати, претседателката на Македонија, Гордана Силјановска Давкова.