Денес тука со нас е познатиот прилепски рапер и музичар Дејви Спиркоски, кој директно од Флорида дојде тука во Прилеп за промоција на неговиот најнов албум и неговата најнова песна „Ново руво“.
НОВИОТ ВИДЕО СПОТ НА ДЕЈВИ СПОРКОСКИ – НОВО РУВО

Дејви пред сѐ добредојде и честитки за новата песна која денес ќе ја промовираш, но и за новиот албум.
Спиркоски: Добро ве најдов Даре, пред сѐ да ви се заблагодарам за тоа досега што сме соработувале, иако години во Америка, кога и да било некогаш да сум ти се јавил за некаков прилог дали било за музика или за навивачите секогаш си излегувал во пресрет. Тука сме да правиме музика, како што спомна спремам албум и албумот е насловен „Ново руво“, носи 11 композиции, зад албумот се „Перспектива рекордс“, а како продуцент се појавува Андреј Јовановиќ. За тие 11 песни, за една од нив, носечката „Ново руво“ изработивме и видео спот, снимен во кумановскиот предел во Старо Нагоричане, снимен во Осоговскиот манастир, а делови се снимени и на Водно.
Зошто „Ново руво“, што значи тоа?
Спиркоски: „Ново руво“ е носечка песна, суштински и сите останати 11 песни носат со себе многу емотивни текстови, музиките се хип хоп, рап бум бап балади. „Ново руво“ во смисла, ако ја земиме во предвид мојата возраст 47 години, искуството мое кое сум го поминал покрај сите животни предизвици, некако на крај кога веќе сум остварен фамилијарно, кога имам зад себе деца, мислам дека можам вистински да ги пренесам вредностите на слушателите, како треба да се живее, како да нѐ води Бог, во секоја песна еднаш или 2 пати е спомнато името на Бог и повика само на добри работи.
Имав можност пред малку да го изгледам и спотот кој денес ќе биде промовиран, кој промовира на некој начин етички и морални вредности. Токму затоа го одбравте денешниот празник Света Петка, но и кобниот ден кога пред точно 24 години на Карпалак загинаа 10 прилепчани.
Спиркоски: Точно, конкретно не беше планирано, но светиот дух си ги мести работите и така испадна. Јас се сеќавам дека дента кога се пушташе првиот споменик, плочата за Карпалаг, јас тогаш работев како ноќен чувар и заминав директно на работа и буквално во 15 минути го напишав текстот за трите строфи и со мала помош од тогашниот градоначалник Марјан Ристески, кој самиот е учесник во месноста Карпалак ја снимивме таа композиција и од сите мои песни јас досега што ги имам извадено и што стојат на музичките платформи, таа песна е со најмногу гледаност. Мислам на еден начин е како химна посветена на херојскиот чин на десетмината кои го загубија животот на месноста Карпалак.
Оваа песна е наменета за нив и е поврзана со тој настан?
Спиркоски: Точно, песната „Капралак“ е наменета за несреќно загинатите на Карпалак, тука имаме женски и машки вокал во рефренот. И ден денес јас се познавам со дел од фамилиите, и ден денес ми се благодарни во смисол дека сум се сетил, иако не сум јас единствен, за нив има и книга напишано, има и друга песна. Тој чин вечно остана како трага и за нас прилепачни никогаш нема да биде заборавен.
Кој е текстописец на 11 песни од „Ново руво“?
Спиркоски: Текстописец сум јас, можам да откријам дека текстовите буквално беа заклучени во екстерен хард диск, бидејќи јас кога се занимавав со пишување на текстови, кога ја имав таа техника усовршено, посветував многу време, не бев ни во брак и буквално напишав 100 песни. Од нив 40 се реализирани.
За едната имате и видео спот, за носечката песна, дали останатите 10 ќе добијат видео запис во периодот кој следува или се подготвувате за нешто ново?
Спиркоски: Албумот ќе добие 1 видео запис сега, бидејќи е кратко времето. Во меѓувреме излезе и идејата за да се направи и фестивалот, инаку навистина би сакал сите композиции да добијат видео запис, но тоа кошта пари, не е возможно. Би требало да снимам уште еден спот, тоа е песна посветена на фамилијата и ќе биде со стари записи, затоа што јас премногу сакам да чувам стари фотографии, видео записи од утакмици, од секаде, така да имам што да поставам од нашиот заеднички живот за таа песна.
Спомнавме дека ова е првата нова работа која е поврзана со тебе и која ја промовираме. Втората е дека за прв пат Прилеп ќе добие еден хип хоп фестивал во твоја организација кој ќе се одржи во недела, насловен „Ритамот под кулите“. Знаеме дека „Ритамот под кулите“ е името на албумот на Македонски синови во 2007 година издаден.
Спиркоски: 2007 година е издаден албумот „Ритамот под кулите“, тука сме 5 души, јас сум како фронтмен. Како дојде идејата за фестивалот, јас го снимав албумот во Скопје кај Андреј, а Андреј е во „Перспектива продукција“. Тие правеа состанок кај него во студио, јас заминав да испазариме нешто да ги оставиме да се договорат, бидејќи рекоа дека сакаат да ми помогнат и да дојдат на денот на промоцијата за да ми дадат поддршка како рапери. Кога се вративме ми викаат Дејви ние го цениме твојот труд, сакаме да ти помогнеме, заедно да се организираме и да направиме хип хоп фестивал во Прилеп и да се вика „Ритамот под кулите“. Беше на мое големо изненадување, веднаш прифатив и иако сум во Америка организационите способности се уште ми функционираат, работам преку интернет, се организираме. Оваа година ова е прв хип хоп фестивал во Прилеп, идејата ни е да го ставиме на мапата на фестивали во Прилеп, да го направиме да биде фестивал во сооднос со истата сила на Џез фестивалот кој се одржува на истото место тука зад „Марко Цепенков“. Здравје Господ догодина да поканиме балкански гости, а понатаму во зависност од спонзорите и како ние се организираме да дојди и некоја светска ѕвезда.
Како што кажа се наоѓаме на летната сцена од Домот за култура „Марко Цепенков“, каде што ќе се одржи фестивалот. Кога започнува, колку време ќе трае, што ќе се случува на самиот фестивал?
Спиркоски: Фестивалот започнува од 4:20 попладне, првиот дел ќе има цртање на графити, ќе има open mic, фристајл, ќе пуштаме музика, од Германија специјално се враќа диџеј Мамли, познат меѓу раперите како млад ветеран, тој е човекот со најмногу посетени концерти од сите македонски рапери, може да се поврзи со најмногу потписи од светски рапери. Тој ќе пушта музика и тоа би траело накаде до 7 часот. Од 7 часот до 8 часот е промоцијата на којот албум, а од 8 до 1 часот продолжуваме со гостите, први на репертоарот се Брука бенд.
Колку имаме гости оваа година?
Спиркоски: Имаме од Скопје и од Охрид, од Скопје доаѓаат „Пука Козметика“, „Брука бенд“, „Зелена зона“, „ПКМ“ кој сега промовираше многу квалитетен видео спот пред една недела, „Портерот“, доаѓа Марио од Австралија, член на „Ударна форамција“ кои истата година кога „Македонски синови“ извадовме албум издадоа и тие. Буквално имаме од 12 до 15 артисти, а претходно во open mic можат да се приклучат сите, останати рапери и други луѓе кои сакаат да земат учество. Значи некаде точен термин е од 4:20 попладне до 1 после полноќ, како што дозволува и законот.
Идните планови, рековме ова е за прв пат, в година далеку поорганизирано, со повеќе групи, можеби 2-3 дена да трае?
Спиркоски: Пред сѐ сакаме оваа година да видиме колку можеме ние тоа да го организираме, јас имам искуство со организација, претходно додека живеев тука бев дел од Прилеп Фест, фестивалот на Дејан Момироски и Борче ?????. Кратко е времето, но ни излегоа во пресрет околу други останати технички организации кои се потребни околу озвучување, обезбедување на простор и останатите пропратни работи. Продукцијата има обезбедено 4 камери и фотоапарати, ќе биде сето покриено за во иднина да може да го рекламира и се надевам дека ако добро го организираме, ако се покажеме, ќе имаме шанса да тропниме на некои врати доколку сакаат да ја поддржат хип хоп културата.
Дејви ти благодарам за издвоеното време за овој разговор, за тоа што имавме можност да го погледнеме твојот најнов видео спот, честитки уште еднаш, честитки и за организацијата на фестивалот и да се надеваме дека ќе прерасне во еден прилепски бренд во иднина кој ќе влезе на таа фестивалска мапа која Прилеп ја гради веќе со години.