ВИДЕО- Нови откритија на Врбјанска Чука: Уште во неолитот постоеле трговски врски и комуникација помеѓу Пелагонија и Источна Македонија

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми


Веќе 10-та година по ред праисторискиот локалитет „Врбјанска Чука“ во близина на Прилеп е цел на интерес на археолозите од Центарот за праисторија на Македонија. Истражувањата во оваа измината декада покажуваат дека локалитетот е стар околу 8.100 години и дека луѓето кои тука живелее пред 8 милениуми се првите земјоделци во Европа кои започнале организирано да се занимаваат со оваа дејност и тука дошле од Анадолија.

„Оваа прилика всушност ја користиме и да осознаеме на кој начин земјоделството се појавува во Пелагонија и на кој начин луѓето го шират земјоделството и другите стопански елементи во рамки на Пелагонија, но и надвор од неа. Оваа година на Врбјанска Чука имавме прилика да истражуваме еден посебен објект, објект кој е навистина добро сочуван и кој ни даде за прв пат информации кои до сега ги немавме добиено. Станува збор за таканаречената градба 21 која всушност е досега најдобро сочуваниот објект од овој период, бидејќи имаме и антички слоеви, но и средновековни. Во таа смисла имавме можност да добиеме увид во начинот на организирање на внатрешноста на куќите, нешто што и претходно го имавме како сознание за другите градби, но во оваа градба имаме неверојатно добро сочувани структури од целосно сочувани садови, во фрагментирана форма, многу фрагменти од антропоморфни модели на куќи, неколку фигурини, алатки разни, што ни дава информации како тие живееле во оваа куќа. Сега може слободно да го наречеме овој објект и куќа, бидејќи знаеме дека функционирал како место на живеење, за разлика од некои други градби кои ги откривме минатата година, кои беа веројатно простори за чување на жито, или пак работилници“, кажа Гоце Наумов, раководител на истражувањата, Центар за праисторија.

Паралелно со археолошките ископувања, се вршат и археоботанички анализи со стручњаци од Германскиот археолошки институт и Универзитетот во Белград, а во теренската работа учествуваат и студенти од Универзитетот во Базел, Универзитетот „Гоце Делчев“ и Универзитетот „Кирил и Методиј“. Со досегашните истражувања откриени биле остатоци од голем број на семиња и растенија кои праисториските луѓе ги користеле во тој период што е доста исклучително и важно за самата наука.

„Тука зборуваме за првите земјоделски заедници кои одгчедувале и засадувале разни земјоделски култури. Помеѓу тие култури пронаоѓаме остатоци од пченица и јачмен, кои се едни од најраните одгледувани видови. Прво тие започнале да се одгледуваат на Блискиот Исток, а потоа тие влијанија се прошириле кон Европа и на патот за Европа поминале и низ Балканскиот полуостров. Помеѓу овие остатоци пронаоѓаме остатоци на жито и грашак кои рано се користеле, исто така имаме истатоци и на лен, тоа е една врста која се употребала за производство на ткаенина и за производство на масло и за конзумација. Освен овие врсти кои се доста значајни за истражување периодот на раниот неолит,кој што е период кога почнуваат луѓето за прв пат да се занимаваат со земјоделство, ние пронаоѓаме и други врсти кои луѓето ги собирале од природата, тоа се врсти кои ние и денес ги имаме во башето опкружување како што дивите јаболки, круши, малинки, дренки, капинки и други разни врсти. Исто така имаме и разни треви кои луѓето ги собирале во текот на жетвата и тие може да ни кажат во какви услови растеле тие посеви“, истакна Амелија Сабанов, филозофски факултет од Белград.

 

„Тие доста се интересираме за почетоците на земјоделството од југоисточна Азија, каде првите култури започнале да се култивираат преку Европа  и моите истражувања се насочени воглавно на јужна Европа. И многу сме заинтересирани да работи тука во централниот дел на Балканот затоа што ова е клучниот регион за ширењето на земјоделството. Има еедна рута која се движела кон Централна Европа, преку реката Дунав и друга рута која одела во Медитеранот, а Пелагонија лежи на доста стратешка позиција. Резултатите кои имаме досега се навистина исклучителни, бидејќи областа е доста богата со остатоци од растенија, има доста култивирани растенија, но и растенија кои се собирале“, додаде Фаран Антолина, Германскиот археолошки институт.

 Со археолошките истражувања оваа година интересно е да се потенцира дека се пронајдени садови кои имаат сликање досега единствено познато во Источна Македонија и дополнително ја потврдува комуникацијата и трговијата меѓу овие два региони во неолитот. Покрај садовите, во рамки на овој објект, но и во неговата околина, откриени се и бројни остатоци од фигурини, антропоморфни модели на куќи, жртвеници, камени секири, кремени алатки, кугли за праќа итн.

Оваа година најдовме повеќе садови кои имаат одредени декоративни елементи, некои од нив се познати за Пелагонија и од претходно на други локалитети, но мошне интересно најдовме садови кои имаат орнаменти сликани со бела боја, кои се идентични со тие кои се откриваат во Источна Македонија, каде што се познати уште во самите почетоци на тој локалитет. Има таков вид на сликање, тука исто ги среќаваме во раниот нелиот во Врбјанска Чука и нѐ изненадува таа појава и идентичност на сликарството на садовите, што укажува на контакти, трговска размена и комуникација меѓу Пелагонија и источниот дел на Пелагонија, најверојатно и останатите региони, бидејќи тој тип на декорација досега беше познат само во северно-источниот дел на Република Македонија, но еве сега гледаме и тука, така да сега се отвораат прашањата на кој начин се вршела таа комуникација, кои биле релациите и насоките и останува во иднина со нашите колеги од другите музеи и институции да утврдиме како се одвивале сите тие динамични релации, кои се потврдуваат барем на ниво на материјална култура“, додаде Гоце Наумов, раководител на истражувањата, Центар за праисторија.

Како дел од 10 годишните истражувања на овој локалитет ќе се одржи и изложба во Заводот и музеј Прилеп на фотографии од досегашната работа на локалитетот.

Се надевам дека и понатаму ќе соработуваме со Центарот за истражување на праисторијата, концертот професорот го најави, а исто имаме најава на 19 септември ќе имаме изложба. Оваа година како што знаете претходно имавме многу јубилеи, стартувавме со 70 години Завод и музеј од неговото настанување до ден денес, така исто и ова е голем јубилеј една декада од истражувањето која ја заокружуваме со изложба на 19 септември во 19 часот, во просториите на главната зграда на Завод и музеј Прилеп. Ги поканувам сите, и прилепчани и другите, нормално и странците да присуствуваат на оваа изложба, затоа што не е само изложба, туку и тековно работење на сето она што колегите го направија за да биде презентиран овој локалитет. Интересен е моментот што ќе имаме каталог, кој ќе биде изработен како фотомонографија на дел од она што е пронајдено, која заедно со изложбата ќе бидат презентирани на начин на кој ќе се видат терените како се одвивале и како се истражувало во тие 10 години“, изјави Мимоза Христоска, директорка на Завод и музеј Прилеп.

Веќе традиционално теренските истражувања на Врбјанска Чука се завршуваат со концерт на тумбата. Оваа година ќе настапи џез составот Next to Silence, кој за првпат ќе изведе дел од својот репертоар во анплагд издание. Концертот е дел од континуираната соработка меѓу Прилепскиот џез викенд.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми