СДСМ заедно со коалицијата вечерва го започна изборниот караван од Крушево. Пред присутните се обратија лидерот на оваа партија, Венко Филипче, Томе Христоски, актуелен градоначалник и кандидат за нов мандат и носителот на листа Трајче Калевски. Христоски истакна дека Најдоброто за Крушево допрва доаѓа и наброја повеќе проекти кои планира да ги реализира во наредните 4 години.

„Во следните четири години ќе направиме голем исчекор:
- Сигурна вода: нова мрежа, современ систем за следење, нови пумпи и електроопрема – секој дом ќе има стабилна и чиста вода.
- Чиста животна средина: интегрирано управување со отпадот, нови контејнери, современ камион, центар за отпад, чистење диви депонии и јавни кампањи.
- Сообраќај и безбедност: обиколница за да го растовариме центарот и да го намалиме загадувањето.
- Туризам и авантури: ново полетувалиште „Црн Врв“ со два терени за параглајдинг и нови планински и велосипедски патеки со дигитална мапа.
- Градска инфраструктура: спортско-рекреативен центар „Гумење“ со пешачки патеки, детски парк и smart LED осветлување. Реконструкција на Домот на култура и модерен Градски пазар.
- Патишта и пристапи: нови патишта до Свети Спас, Свети Василие и „Ручало“ со паркинг за 50 возила.
- Образование и млади: реконструирани училишта, дуално образование, субвенции за сите средношколци во СОУ „Наум Наумоски – Борче“.
- Семејства и деца: финансиска поддршка за секое новороденче – затоа што иднината почнува со нив.
- Поддршка за ранливи категории: еднократна помош, корисна работа за старите и изнемоштени лица, грижа во нивните домови.
- Спорт, култура и туризам: поддршка за спортски клубови, културни здруженија и меѓународни натпревари во параглајдинг.
Ова е нашата визија – Крушево кое е модерно, европско, чисто и полно со живот. Драги пријатели, ова не е само програма. Ова е визија. Ова е животна шанса за секој од нас. Ова е референдум за нашето Крушево – уредено и полно со живот.
Разликата е јасна – каде беше Крушево до 2017 година и каде е денес. Денес сме модерен град, гордост за Македонија. Заедно, Македонци, Албанци, Власи, Турци, Бошњаци – покажавме што значи соживот и заедништво. И тоа е нашата најголема победа! Јас не ветувам невозможни работи. Јас ја ветувам истата чесност, иста енергија и иста борбеност како и изминативе осум години. Ветувам дека ќе бидам вашиот глас, вашиот сојузник и вашиот градоначалник.
Сега е моментот повторно да застанеме заедно. Да го зачуваме она што го изградивме и да продолжиме уште посилно, уште похрабро и уште поодлучно. На 19 октомври, гласајте за сигурниот пат, за тимот што работи за вас, за СДСМ, за бројот 5 и за мене како ваш градоначалник“, рече Христоски.