Вечерва Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, од градот на тутунарите Прилеп каде се одржа граѓанска трибина „Се бориме за нашиот дом“ испрати порака дека никогаш од постоењето на државата толку не го обезличил и понижил трудот на земјоделците и тутунарите.

„Никогаш во историјата ниедна влада на овој начин ги нема понижувано луѓето кои со мака и пот заработуваат за своите семејства. Триесет илјади тутунарски семејства беа изневерени токму од оваа влада. Денес го гледаме парадоксот на лажните патриоти од ВМРО-ДПМНЕ, ветуваа развојна политика и грижа, а ги оставија на цедило оние што најмногу работат, земјоделците без поддршка, без стабилен откуп и без реализирани субвенции навреме“, рече Филипче.
Тој рече дека земјоделците не ги добиваат субвенциите кои им припаѓаат поради тоа што власта ги фаворизира компаниите, а не поединците земјоделци, но заборава дека тоа се луѓе кои ја обезбедуваат храната за секој граѓанин во државата.
„Со ВМРО-ДПМНЕ системот за субвенционирање е неправеден, се фаворизираат големите компании, а малите тутунари добиваат закочена или доцна исплата. Откупите не се спроведуваат според реалната проценка на количините на тутун, а дозволата за увоз на тутун го поткопува домашното производство, па многу производители остануваат неплатени или добиваат нецелосна вредност. ВМРО-ДПМНЕ направи многу штета, но убедливо најмногу штета направи на земјоделството лозарите, оризопроизводителите, градинарите, сточарите сите денес живеат полошо и без поддршка од државата. Пред некој ден видовме како земјоделците ја фрлаат пиперката ајварка заради лошите политики на Цветан Трипуновски и Мицкоски“, рече Филипче пред прилепчани.
Притоа, Претседателот на СДСМ, Филипче, потсети дека Владата на СДСМ секогаш беше на нивна страна дури и во најголемите кризи кои ги доживеала државата.
„СДСМ преговараше, се договараше со нив, заедно ги носеше одлуките со нив и во нивен интерес. И кога беше тешко во земјоделието, и кога не се погодуваше сезоната, СДСМ застануваше во одбрана на овие луѓе. ВМРО-ДПМНЕ ги игнорира и арогантно ги навредува“, рече Филипче на трибината во Прилеп.
Филипче, испрати порака до премиерот Христијан Мицкоски дека патриотизам не е да се урниса економија туку да се донесат правилни политики од кои бенефит ќе имаат сите граѓани, а не само поединци кои ги диктираат условите кои нив им одат во прилог.
„Мицкоски и неговата банда, под превезот на лажниот патриотизам, донесоа ослабена економија, партизирана држава, плати кои стагнираат и цени кои дивеат. Мицкоски нема ниту чест, ниту љубов кон земјата и граѓаните. За него постојат само калкулации, спинови, лични амбиции и бизнис зделки. Тие зборуваат за народот, но народот не го слушаат и тоа е најголемиот доказ за лажниот патриотизам. Патриотизам не е да го делиш народот, туку да го обединиш. Патриотизам не е да ветуваш лажна гордост, туку да создаваш услови луѓето да живеат гордо“, рече Филипче.
Филипче на трибината во Прилеп кажа дека СДСМ патриотизмот го покажувал на дело седум години во континуитет и во најтешките времиња кога државата ја погодија ковид, економска и енергетска криза.
„СДСМ патриотизмот го покажа не со зборови, туку со дела со секоја донесена мерка, со секоја тешка одлука, со секој потег што значеше подобар живот за граѓаните. Во време на економска криза, кога другите кратеа, ние зголемувавме плати и пензии. Во време на неизвесност, кога сите се гледаа кон себе, ние мислевме на најслабите. И тоа е нашата најголема разлика ние не ветуваме дека ќе ја сакаме државата повеќе, ние покажавме дека знаеме да се грижиме подобро за неа“, рече тој.
За жал посочи Претседателот на СДСМ, Филипче, денес граѓаните гледаат власт која не знае што е државност туку наместо награда секој ден го понижува трудот на обичниот човек.
„Кога ќе ги слушнете нивните празни говори, запомнете едно: луѓе без визија и резултати секогаш зборуваат најмногу за минатото и за противникот, затоа што резултати немаат, а иднината им е неизвесна. Мицкоски во своите говори нема што да каже. Се однесува како опозиционер после година и пол власт. Немаат проекти, немаат план, немаат идеја. И затоа измислуваат предавници, непријатели, куферчиња и приказни за мали деца. Се надеваат дека само така можат да преживеат во маглата на конфузијата и стравот. Но Македонија не смее да живее во магла“, истакна Филипче.
Тој во Прилеп кажа дека државата заслужува јасен пат, стабилност и достоинство, но и политичари кои ќе решаваат проблеми, кои нема да зборуваат за хибридни напади, дронови и жолти комбиња и на кои нема да им бидат криви вештачки скакулци за пожарите.
„На државата и требаат политичари кои гради во гради ќе се соочат со проблемите, кои ќе наведнат глава пред граѓаните и ќе знаат кој ги избрал и на кого му служат“, потенцираше тој.