ВИДЕО- Лукароска: Го уништија Прилеп, ја поскапеа водата, данокот на имот, комуналиите, градскиот превоз, паркингот, ЈП се пред банкрот

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми


Она што на сите ни е јасно, е дека борбата нема да биде ни малку лесна. Бидејќи, после 4-годишното владеење на ДПМНЕ, нам и на сите граѓани во „наследство“ ни останува пустошен и обезличен град, запуштени и испустени села, осиромашени граѓани. Наместо ред – донесоа хаос. Наместо подобар живот – поскап живот, истакна вечерва во Прилеп, Петра Лукароска, кандидат за градоначалник од СДМ и коалицијата.

„А поскапеа се’ што можеа да поскапат – водата, данокот на имот, комуналиите, градскиот превоз, паркингот. Но, повисоките цени на услугите не ја подобрија финансиската состојба на јавните претпријатија. Напротив – сите до едно станаа загубари со вкупен долг од над 2 милиони евра. Сето ова се случи со знаење и аминување на тогашниот претседател на Совет на општина Прилеп, Дејан Проданоски.

Партиските директори од тефтерчето на Проданоски се тие кои ги доведоа пред банкрот јавните комунални претпријатија и удрија по џебот на граѓаните. Како претседател на Совет во период од 3 години, Проданоски има подеднаква ако не и поголема вина од градоначалникот Јовчески, што Прилеп го допре дното.

Тандемот Јовчески-Проданоски има директна одговорност за уништениот спорт, за бришењето на „Победа“ од фудбалската мапа, за „евакуацијата“ на младите од родниот град, за узурпираните јавни површини, за темните, раскопани, нечисти и празни улици од кои демнат глутници кучиња скитници Конечно, и двајцата имаат вина за она според кое Прилеп е лидер во државата – бројот на запалени возила, фрлените бомби во угостителски објекти и семејни куќи, насилството на улиците.

Зад ДПМНЕ, Јовчески и Дејан Проданоски, почитувани сограѓани, остана пустош и огромно разочарување! Драги пријатели, Стојам пред вас свесна за одговорноста која ја презедов, но цврсто убедена во исправноста на таквата одлука. Оти мојот принцип на функционирање, како во политиката така и во животот, е соочување со предизвиците а не бегање од нив.

Ова е еден од таквите моменти. Изборната програма која ја работевме заедно со моите сопартијци и со граѓани од сите урбани заедници и населени места, кандидатската листа за членови на општинскиот Совет, поддршката која секојдневно ја добивам од знајни и незнајни сограѓани, но и поддршката од претседателот Филипче и партиското раководство, значат силен ветер во грб и силна верба во успех. На сите ним, на сите вам, ви велам едно големо БЛАГОДАРАМ!

За Прилеп се бориме со идеи, со уште повеќе проекти, а најмногу со љубов. Нашата програма не е список на желби. Секој проект има своја цел и намена.

  • Изградбата на две паркинг-платформи над градската река кои значат нови 100 паркинг места, толку неопходни за намерниците и посетителите на чаршијата и градскиот пазар;
  • „Топташ Скајлајн“, модерен урбан проект, спој на природата со современите урбани трендови на рекреација и одмор;
  • Младински центар, простор за креативност, учење и дружење на младите;
  • Три нови велосипедски патеки; Обнова на некогашниот планинарски дом „Дервен“;
  • Фотоволтаици на покривите на сите општински објекти, за еколошки и енергетски “паметен“ град;
  • Реконструкција на Старата чаршија;
  • Два кружни тека за решавање на сообраќајното “слепо црево“ кај новата автобуска станица; Уредување на „Дабнички канал“;
  • Нови содржини во спортско-рекреативниот комплекс кај вештачкото езеро;
  • Изградба на уреден паркинг и асфалтирање на обиколницата околу новите градски гробишта.

Но, не е само новоизградената и реконструирана инфраструктура таа која ќе го смени ликот и карактерот на градот.

За нашиот дом ќе се бориме со враќање на безбедноста во секое маало, во секоја улица и населено место, подигнување на образованието на повисоко ниво преку создавање подобри услови за учениците и наставниците.

Поддршка на културата, уметноста, традицијата и фестивалите, како најдобри промотори и чувари на нашиот идентитет“, рече Лукароска.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми