Со импровизиран напад на градот, огномет и пригодна културно уметничка програма вечерва во Прилеп започна одбележувањето на 11 Октомври Денот на народното востание против фашистичкиот окупатор. 11 Октомври кој е темелот на нашата државност, е голема гордост за прилепчани. Но помладата генерација сепак признава дека во училиштата се помлаку учат за НОБ, знаат дека денес е празник, но што точно се случило, не знаат сите да одговарат. Прилепчани велат дека НОБ треба повеќе да биде застапена во учебниците затоа што без таа жртва која била дадена тогаш, од претежно млади луѓе кои загинале за слободата, денес сигурно не би постоела Македонија.

„Ние сме горди на нашето минато затоа што има голем број на борци кои го дадоа својот живот за оваа слобода. Овој ден е најважниот ден за македонската историја, затоа што од овој ден започнува изградбата на македонската држава која ја имаме денес, пред тоа имало обиди, буни, востанија, но 11 Октомври започнал и завршил со држава“, велат дел од постарите прилепчани.
„Генерацииве како што идат се помалку ја знаат историјата, знаат само дека е празник, но и не што случило на тој и тој ден. Треба повеќе за ова пак да се учи во учебниците, сега повеќето млади ги интересираат само пари и да си го живее животот како што треба“, велат дел од помладите прилепчани.
Прилеп годинава освен што одбележува 80 години од победата над фашизмот, тој прославува и 50 години откако го добива Орденот народен херој на 7 мај во 1975 година од страна на маршалот Јосип Броз Тито. Куриозитет е тоа што само уште 7 други градови на ниво на тогашна Југославија го добиваат ова поризнание, покрај Прилеп, а тоа се Љубљана, Загреб, Белград, Нови Сад, Приштина, Дрвар и Цетиње.
„Прилеп дал 650 жртви, дал 15 народни херои од кои 10 загинале, а 5 ја продолжиле својата борба во слободарска Македонија. Прилеп имал 24-25.000 жители во тој период, а според некоја статистика имаме 8.000 учесници во НОБ, или тоа е секој трет, една фрапантна бројка која зборува за херојството, за ангажманот и учеството на Прилеп и прилепчани во НОБ. Ако земиме во предвид дека од тие 8.000, 2.700 се со пушка во рака“, рече Рубин Белчески, историчар.
„11 Октомври е кулминација за создавањето на македонската држава, како институционална држава по принципите на Француската револуција, односно се остварила вековната борба и идеалите на наште револуционери, како што се Гоце Делчев, Дамјан Груев, Јане Сандански, Питу Гули и други“, вели Горјан Василевски, историчар.
Инаку за утре е предвидено да има полагање на свежо цвеќе на високи државни делегации на спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман јосифоски Питу и Могилата на Непобедените, а ќе се се одржи и свечена академија по повод 11 Октомври.