Со положување на свежо цвеќе на високи државни делегации на спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифоски Питу и Могилата на Непобедените денеска во Прилеп се оддаде почит на 84 годишнината од подигнувањето на востанието против фашистичкиот окупатор. Се одржа и свечена седница на која премиерот Христијан Мицкоски повторно потенцираше дека е потребен целосен ресет на нашиот систем доколку сакаме да бидеме функционална држава. Мицкоски рече дека доста е поделби на „про наши“ и „про ваши“. Тој нагласи дека е потребен суштински дијалог и договор со сите општествени фактори, професори, академиците, науката и пред се младите во Македонија.

„Подготвен сум да го поведам тој процес и да се обединиме околу платформа, не политичка или само економска, туку општествена, за целите што сакаме да ги постигнеме како држава и патот кон тие цели. Дијалог што ќе биде заснован на принципи, околу кои треба да се обединат Македонци и Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и сите останати, христијани и муслимани, стари и млади, затоа што покрај сите наши разлики Македонија е само една и таа останува да биде наша татковина, а ние сите немаме време за губење“, посочи Христијан Мицкоски, претседател на Влада на РМ.
Мицкоски се осврна и на состојбата со евроинтеграциите каде потенцираше дека нема да го прифати францускиот предлог и уставните измени без гаранција од ЕУ дека тоа ќе биде последното барање испратено некогаш до Македонија, дека билатералните процеси нема да бидат пречка за влез во Унијата и дека конечно Бугарија ќе ги испочитува пресудите од Стразбур и ќе го признае македонското малцинство.
„Да за членство во ЕУ, свесни сме дека тој пат за нас не беше фер и нема да биде фер, но не за билатерелани услови и да за гаранции од страна на Европскиот совет, кој сака даја види оваа мала земја, која што во историјата многу пати покажале дека местото и е заедно со нив во заедницата на европските народи, да испратат еден заклучок уште на следниот европски совет во кој што јасно ќе кажат дека никој од нив нема проблем со посебниот македонски идентитет, дека никој од тие 27 земји членки нема проблем со македонскиот јазик кој е кодифициран пред 80 години и дека никој од нив нема проблем со повеќе вековната македонска култура, традиција и обичаи на кои што практично се основа македонскиот идентитет и да речат доста е нема повеќе вето и препреки поради билатералните прашања“, додаде Мицкоски.
Мицкоски рече дека во моментов Македонија има проблем со испораката на правдата, а прстот го впери кон судството.
„Судството и обвинителството се во канџите на политиката, и тоа мора да се ослободи. Не може за милиони украдени пари да не се одговара поради нечија политичка блискост. И ако тука, во овие случаи, нема правда, што ли се случува со многу други случаи на граѓани заглавени за ситни, но за нив многу важни предмети – меѓу нив имоти, кривични пријави, граѓански спорови. И за овој ресет на системот што ќе го спроведеме, не мислам на реванш, а во изминативе месеци покажав дека правдата е за сите иста и за, како што вели нашиот противник, „наши и ваши“, и овие категории нема да имаат разлика и за мене се непознати. Туку или некој се огрешил, или не се огрешил кон законот. Или е криминалец, или не. Или ќе има правда, или нема да нè има“, кажа Мицкоски.
Премиерот рече и тоа дека Владата во моментов работела на привлекување на неколку нови инвестиции затоа што најважната битка од сите наши борби била борбата за стандардот и животот на луѓето.