Нашата програма не е список на желби, туку е јасен и реален план за работа. Дозволете да ги издвојам клучните столбови на кои ќе го градиме идниот развој, рече Дејан Проданоски, кандидат за градоначалник на Прилеп од ВМРО-ДПМНЕ.

ПРВО, темелна урбана и еколошка обнова на градот. Конечно ќе го решиме деценискиот проблем со Градската Река. Ќе го уредиме коритото по целата должина од 4,5 километри. Ќе изградиме кејски ѕидови, пешачки и велосипедски патеки, ќе поставиме клупи и осветлување. Од место кое денес е запуштено, ќе создадеме зелена оаза, симбол на новиот, чист и уреден Прилеп. Место за гордост, не за срам.
Ќе го заокружиме градот со обиколниците „Исток“ и „Запад“. Ова е стратешки проект со кој ќе го решиме сообраќајниот хаос, ќе го намалиме загадувањето и ќе го растеретиме центарот. Камионите ќе транзитираат надвор од градот, а нашите улици ќе бидат побезбедни за нашите деца.
Прилеп ќе биде зелен град. Ќе изградиме два нови, големи парка – еден во населбата „Градина“ на површина од 14.000 м² и еден кај Волково, кој на 30.000 м² ќе прерасне во излетнички центар за целото семејство. Ќе ги реконструираме и сите постоечки паркови, затоа што здравјето и квалитетот на живот се наш врвен приоритет.ВТОРО, силна економија и нови работни места. Новите патишта ќе ги поврземе со нови економски можности. Комплетно инфраструктурно ќе ги уредиме индустриските зони „Прилеп 4“ и „Прилеп 5“. Ќе создадеме услови за изградба на нови капацитети, кои значат отворање на нови, добро платени работни места. Ќе бидеме партнер на бизнисот, ќе ја намалиме бирократијата и ќе ги поддржиме малите и средни претпријатија, како и занаетчиите кои се срцето на нашата локална економија.
ТРЕТО, квалитетен живот за сите генерации. Инвестираме во иднината – во нашите деца. Ќе изградиме нова, модерна детска градинка во населбата „Рид“. Ќе продолжиме со реконструкција на основните и средните училишта, ќе градиме нови спортски сали и ќе работиме на воведување едносменска настава.
Културата е нашиот идентитет. Затоа, следува комплетна реконструкција на Центарот за култура „Марко Цепенков“ и на нашиот театар „Војдан Чернодрински“. Ќе го вратиме сјајот на овие храмови на уметноста.
Ќе го вратиме спортот таму каде што припаѓа. Ќе ја реконструираме спортската сала „Македонија“ и ќе работиме на изградба на нов, мултифункционален спортски центар, затоа што нашите клубови и млади спортисти го заслужуваат тоа.
Прилеп ќе биде и град кој се грижи. Ќе воспоставиме јавен сервис за помош на старите и немоќни лица, со достава на лекови и намирници. Ќе го реконструираме и старскиот дом „Киро Крстески-Платник“, затоа што нашите највозрасни заслужуваат достоинствен и спокоен живот.
ЧЕТВРТО, модерна, ефикасна и безбедна општина. Ќе воведеме целосни електронски услуги за граѓаните. Издавање документи, плаќање даноци, аплицирање за субвенции – сè ќе биде достапно онлајн, од дома, без чекање во редици.
Ќе го реализираме проектот „Safe and Smart City“. Ќе поставиме видео надзор на клучните локации за да ја зголемиме безбедноста, да го намалиме криминалот и конечно да ставиме крај на дивите депонии“, кажа Проданоски.